Фото: Игор Бансколиев

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) носи одлуки за цени и тарифи, но без ДДВ! Така, според РКЕ, вкупната цена во првиот блок се намалува за 7,04 отсто, во вториот блок се намалува за 4,09 отсто, додека во третиот блок цената се зголемува за 2,54 отсто, а во четвртиот блок се зголемува за 2,42 отсто. На домаќинствата со просечна потрошувачка ќе им биде испорачувана струја со пониска цена и за мрежарина за 4,26 отсто. Но со ефектот од зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 проценти ќе има реално зголемување на цените за плаќање на сметките 2,5 проценти

Испорачаната струја за граѓаните со пониска цена, но со повисоко ДДВ, а од 1 декември се враќа евтината  дневна тарифа

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимовски, ги објави новите цени на струјата. Имено, цената на струјата до 31 декември годинава во двата пониски блока ќе се намали, а во двата повисоки блока ќе се зголеми.
– Вкупната цена во првиот блок се намалува за 7,04 отсто, во вториот блок се намалува за 4,09 отсто, додека во третиот блок цената се зголемува за 2,54 отсто, а во четвртиот блок се зголемува за 2,42 отсто. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и мрежарина за 4,26 отсто, а од декември, со почетокот на дневната евтина тарифа, ќе следува линеарно намалување за 5 отсто – информира Бислимоски.
И според тарифникот, од 1 јули продолжува политиката на регулаторот да се намалува цената за оние што трошат помалку струја, а да се зголемува за оние што недомаќински ја користат.

РКЕ носи одлуки за цени и тарифи, но не и за ДДВ, што ќе биде клучно за висината на сметките за граѓаните!

За намалувањата, ЕСМ придонело со намалувањата во загубите на струја. Во сметките ќе го немаме проблемот дека се плаќало повеќе за мрежарина, а помалку за енергија. Со сите мерки се стабилизира ситуацијата, како што посочи Бислимоски.
– РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и за мрежарина за 4,26 проценти, а со ефектот од зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 проценти ќе имаат зголемување од 2,5 проценти – објасни тој.
Врз основа на новите цени за киловат-час потрошена електрична енергија, сепак останува непрецизирано докрај колку граѓаните реално ќе го почувствуваат намалувањето на цените во првите два блока, поради тоа што на основицата за пресметување односно на потрошената струја се пресметува и повисока стапка на ДДВ. Тоа значи дека со зголемувањето на ДДВ на 18 отсто од досегашните десет отсто, ќе се стопи наводната заштеда што би ја имале корисниците со намалените цени за киловат-час во првите два тарифни блока.
Според досегашните калкулации, цената во првиот блок од 4,7257 денари се намалува на 4,2609 денари, а во вториот од 5,1578 на 4,8936 денари. Третиот блок од 6,0563, поскапува на 6,3345 денари, додека цената на четвртиот блок се зголемува од 16,1336 на 16,6453 денари. Ова, според РКЕ, прави просечната цена на „ЕВН хоме“ од 1 јули да изнесува 4,3268 денари по киловат-час, што е нешто поевтино од вкалкулираниот просек од 4,4046 денари одреден пред половина година. Ќе има мало зголемување и на цената за малите потрошувачи, односно за фирмите.

Првични едноставни, но не најпрецизни пресметки

Се консултиравме со дел од експертите чии првични пресметки што ги направиле покажуваат дека потрошувачите во првиот блок односно за потрошени 210 киловати досега на пример плаќале месечно 992,40 денари, на ова се пресметува ДДВ од 10 отсто, така што месечната сметка за јуни за струја би изнесувала 1.091,63 денари. Според новата (намалена) цена од 4,2609 денари за 210 киловати, износот за испорачаната струја ќе изнесува 894,79 денари, но на оваа сума ќе се пресмета ДДВ од повисока стапка од 18 отсто, со што се доаѓа до трошокот за струја за јули од 1.055,85 денари. Или реалното намалување за јули би изнесувало скромни 40 денари. Ако се направи истата пресметка и за потрошувачката во втората тарифа до 630 киловати, тогаш според старата цена ќе се плати 3.574,35, а според новата (намалена) цена 3.637,93 денари. Овде дури има и зголемување од 63 денари, поради повисоката стапка на ДДВ од 18 отсто.
Но во конечната пресметка за струјата за јули остануваат и други фактори. Тука пред сѐ се мисли на мрежарината за „Електродистрибуција“, како и трошокот за пренос на електрична енергија. Останува да се види како ќе се вкалкулираат сите овие одобрувања во конечната цена во сметките.

Евтина дневна тарифа за електричната енергија, можност за дополнителна калкулација на граѓаните

Од 1 декември се враќа евтината дневна тарифа за електричната енергија, објави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Марко Бислимовски.
– Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку поради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци е пониска дури и од цената по 24 часот – рече Бислимовски.
Дотогаш „Електродистрибуција“ има рок од четири месеци за усогласување на сите 700.000 броила за домаќинствата.
– Евтината тарифа ќе биде достапна за сите домаќинства од 1 декември, во периодот од 13 до 15 часот. Водејќи се од принципот за заштита на потрошувачите, а во согласност со направените анализи што укажуваат дека декември е месец кога се зголемува потрошувачката на електрична енергија, ја задолживме „Електродистрибуција“ во овој рок да ги усогласи сите броила. Четири месеци се доволни за да се направат сите технички усогласувања со системот за пресметка и фактурирање и соодветниот софтвер – изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Евтината тарифа прекуден беше воведена во октомври 2017 година. Владата ја укина на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Граѓаните и понатаму користат евтина струја само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.