Фото: Игор Бансколиев

Последното рекордно поскапување на цената на горивата драматично ги влошува состојбите во економијата и негативно ќе се одрази, како врз стопанството така и врз животниот стандард на граѓаните. „Нова Македонија“ анализира какви ќе бидат ефектите врз стопанските гранки и врз граѓаните и кои мерки се потребни во следниот период за да се ублажат можните негативни последици од поскапувањето на горивата

ПОСЛЕДНОТО ЦЕНОВНО НАФТЕНО ЦУНАМИ И ЕКОНОМИЈАТА

Оваа недела нафтата и нафтените деривати во земјава повторно поскапеа, а следејќи го нагорниот тренд на светските берзи, очекувано е растот на цените да продолжи и во следниот период. Цените на нафтените деривати го надминаа максимумот од 2012 година. Од понеделникот на полноќ, со одлука на Регулаторната комисија за енергетика цената на бензините, е зголемена за рекордни 5,5 денари по литар, кај нафтата за дури 10 денари по литар, кај гасот зголемувањето е девет денари, додека мазутот е поскап за шест денари по килограм.
Последниот драматичен раст на цените на енергентите би можел значително да ги влоши условите за водење бизнис за македонските компании, но е и социјален удар врз граѓаните. Колку овој нов бран поскапувања на нафтените деривати и растот на цените на сите енергенти ќе се одразат врз економијата, кои се ефектите врз стопанството, како и врз стандардот на населението и кои мерки би можеле да се преземат, со цел да се спречи поттикнување на инфлацијата разговаравме со домашни економски експерти.


Бизнис- заедницата на колена

Најновото поскапување на цената на горивата ги става во тешка и незавидна положба компаниите и бизнис-заедницата. Тие сега и во метафорична смисла на зборот се на колена. Од една страна соочени со големата неизвесност и проблемите со кои треба да се справат во насока на одржување на ликвидноста и конкурентноста во нивното работење, што сега ќе биде уште потешко изводливо по последните поскапувања на горивата, и од друга страна во исчекување некаква помош и итни мерки од властите за полесно справување со предизвиците. Последното рекордно поскапување на цената на нафтата, како и генерално на енергентите го ставија под големо оптоварување стопанството. Врз работењето на бизнис-секторот голем удел има енергетската криза и дополнително го усложнува економскиот амбиент.
Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, порастот на цените на нафтата и на другите енергенти директно ќе се одрази врз цените на производите и услугите, каде што се директен инпут.
– Тоа ќе предизвика зголемување на директните трошоци на производство и намалување на и онака ниската конкурентност на компаниите. Веројатно овој удар повеќе ќе го почувствуваат транспортниот сектор и секторите каде што енергентите имаат значајно учество во крајниот производ или услуга – споменува Петрески.
Таа додава дека во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од наметнатите санкции врз Руската Федерација за пазарите на енергенти, изгледите за растот на македонската економија во 2022 г. се изразено надолни, односно претходната проекција за 2022 г. од 4 отсто станува нереална во новите околности.
Поскапувањето на нафтата и на сите енергенти не претставува проблем само за транспортните компании, напротив, растот на цените го чувствуваат сите компании, а поради поскапувањето се намалува нивната рентабилност.

Претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека секторите во кои енергентите се користат во технолошкиот процес ќе имаат најголеми проблеми, затоа што таму енергијата учествува со голем процент во цената на чинење на производите.

– Сепак, многу компании користат нафта, не само во транспортот туку и во производството, во технолошкиот процес или за загревање на производните погони. Другото негативно влијание е преку зголемување на транспортните трошоци и на крајот преку трошоците за осветлување, загревање и климатизација на деловните простории. Се разбира дека зголемените влезни трошоци ќе ја доведат во прашање рентабилноста во работењето и ќе ја нарушат ликвидноста на фирмите. Затоа компаниите што можат да го сторат тоа – веднаш ќе ги покачат цените на своите производи. Растот на кои било суровини, материјали или енергенти што ја сочинуваат цената на чинење на еден производ на една компанија предизвикува зголемени трошоци за компанијата. Во тој случај, најчесто компаниите се обидуваат со покачување на продажните цени на своите производи да ги нивелираат овие зголемени трошоци. Ако пазарот не ги прифаќа овие зголемени цени, тогаш доаѓа до намалување на продажбата и приходите и до намалување на рентабилноста на компанијата – укажува Димитров.

Ангел Димитров / Фото: Приватна архива

Најголем ќе биде проблемот кај извозниците, појаснува тој, кои не можат толку лесно да ги зголемат своите цени, барем не на пократок рок.

– Кај нив покрај проблемот на продажните цени ќе се појави и проблемот со фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Народната банка има механизми уште долго да го штити курсот на денарот, но прашањето е дали тоа се исплаќа ако драстично ги намалиме девизните резерви и уште поважно ќе биде ако ваквите тенденции ја нарушат конкурентната способност на нашиот извоз. Затоа треба многу да внимаваме на овие тенденции и да ги следиме пазарните законитости. Секое противење на пазарните законитости ќе доведе до проблеми во областа на монетарната и фискалната политика – вели тој.

Како што додава тој, ниедна компанија што врши увоз или дистрибуција на енергенти нема да може да ги продава поевтино од онаа цена по која ги купила.

– Видовме што се случи со топлинската енергија од БЕГ. Владата мораше да го преземе управувањето и да ја покрие разликата во цената на чинење и продажната цена што самата ја регулира. Затоа државата треба да обезбеди механизам за реално покачување на цените на енергентите во согласност со берзанските цени, за да обезбеди континуирано снабдување со истите тие. Ако Владата сака да ги ублажи негативните ефекти од растот на цените, тогаш тоа може да го стори или со намалување на акцизите, кои имаат значително учество во продажната цена, или со буџетска интервенција и финансиска помош на компаниите, за да ги ублажи штетните последици – смета Димитров.

Според него, во овој „лов во матно“ некои ќе бидат повеќе ранети, некои помалку, а некои дури и ќе профитираат. Сѐ зависи од тоа колку енергентите учествуваат во производните трошоци на компанијата и дали пазарот ќе ги прифати зголемените цени на нивните производи.

Биљана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата „Макам-транс“, прашува како и на кој начин превозниците ќе успеат да преживеат во вакви услови на работа. Но и како и на кој начин ќе се држи под контрола инфлацијата, ако се знае дека превозот на стока во вид на репроматеријали и готови производи за широка потрошувачка, 96 отсто, се врши по сувоземен пат, во увозно ориентирано стопанство.

Биљана Муратовска / Фото: „Макам-транс“

– Со порастот на цените на горивата, ние се соочуваме со зголемување на трошоците, а во исто време намалување на делот што би значел остварување добивка, како и да се платат подобро возачите. Асоцијација „Макам-транс“, во изминатиот период, достави до Владата и до другите економски министерства барање за воведување краткорочни и долгорочни мерки за превозниците со цел да се избегне секаков директен и индиректен негативен ефект што се предизвикува со зголемување на цената на нафтата и нафтените деривати. Ќе се бара поддршка за одредување субвенции за превозниците, со цел ублажување на драстичниот скок на цените на нафтата и обезбедување непречено полнење на фабрички вградените резервоари на возилата – потенцира Муратовска.

Како што истакнува таа, зголемувањето на цената на превозот во услови кога секојдневно ќе се менуваат цените на енергентите не дава можност реално да се одредуваат и надоместуваат трошоците на превозот, особено ако се договараат превози со одложено плаќање на истите тие.

– Најголемиот скок на цените на производите е кај нафтата и нафтените деривати, а тоа значи и зголемување на цените на сите стоки што се земаат за превоз и подгревање на инфлацијата, која веќе е стигната до 7 отсто – нагласува Муратовска.

Порастот на цената на нафтата е светски феномен што не може да се спречи, вели таа, но може до извесна мера Владата со свои мерки да ги ублажи негативните последици од тој пораст врз целокупното стопанство.

– На пример, со субвенции што ќе им се исплаќаат на превозниците како краткорочна мерка, а со рефундација на дел од акцизата за комерцијални превози како долгорочна мерка, за што искрено се надеваме дека ќе биде прифатено нашето барање со што би се ублажиле негативните влијанија од овој проблем – потенцира Муратовска.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова