Фото: Игор Бансколиев

Огромна е штетата од обесшумувањето, особено во Македонија. Наместо да влеземе во обратен процес на масовно пошумување и домаќински да ги ползуваме сите бенефиции на шумите и зеленилото, ние, осакатувајќи ги природата и шумите, се осакатуваме себеси. Шумите, меѓу другото, се филтрите што ни го прочистуваат воздухот, а без нив станува јасно дека ќе продолжиме во есенскиот и зимскиот период да живееме во магла, смог и ужасен чад. За растечкиот црн бизнис виновни сме и сите ние граѓаните, исто толку колку и безобѕирните дрвокрадци криминалци, бидејќи со набавувањето на дрвата од нив, се затвора кругот. Сите сме учесници во нарушувањето на целокупниот биодиверзитет, како и целокупната рамнотежа во заедницата, бидејќи шумите не се само декор на планинските предели…

ПОРАЗУВАЧКИ ПОДАТОЦИ ЗА ДРВОКРАДСТВОТО ВО ЗЕМЈАВА

Според анализите на светските еколошки организации, денес на Земјата има само половина од дрвјата што постоеле уште пред да настане човекот и, како што велат нашите соговорници професори по природни науки, „да ја узурпира и силува планетата“. За жал, последните неколку века се најсмртоносни за шумите. Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет. Тоа воопшто не е промислено, паметно, па и одржливо или надоместливо и не само за животинските видови туку и за нас и за климата и климатските промени.

ДА СЕ ПОВТОРУВА БЕЗБРОЈ ПАТИ ДЕКА ШУМИТЕ СЕ НАШИТЕ БЕЛИ ДРОБОВИ

Освен фактот што шумите се извонредно дело на природата, тие се од витално значење за здравјето на нашата планета. Шумите имаат огромно влијание врз моделите на врнежи, врз квалитетот на водата и почвата, но и за превенција од поплави. Во буквална смисла на зборот, шумите се белите дробови на живиот свет на планетата Земја. Ако медицината како наука вели дека не можеме да живееме без белите дробови, зошто тогаш свесно дозволуваме да ни се случува пустош на шумите?
Огромна е штетата од обесшумувањето, особено во Македонија, каде што буквално се задушуваме во загаден воздух. Шумите се филтрите што ни го прочистуваат воздухот, а без нив станува јасно дека ќе продолжиме во есенскиот и зимскиот период да живееме во магла, смог и ужасен чад.
За растечкиот црн бизнис виновни сме и ние граѓаните, исто толку колку и криминалците, бидејќи со набавувањето на дрвата се нарушува целокупниот биодиверзитет, како и целокупната заедница, бидејќи шумите не се само декор на планинските предели.
Освен што дрвокрадците ги нудат дрвата по драстично пониска цена од онаа што е утврдена на пазарот, тие честопати и ги мамат граѓаните, им земаат пари, а дрва никогаш не им доставуваат, а доста често знаат да бидат и агресивни со полициските службеници доколку бидат фатени како го извршуваат делото.

ПОРАЗУВАЧКИ ПОДАТОЦИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува загрижувачки бројки.
За период од пет години, односно од 2016 до 2021 биле поднесени вкупно 1.044 кривични пријави за дрвокрадство, а биле регистрирани 1.565 сторители. Реализирани се 1.434 кривични дела, а најшокантно е тоа што се исечени 64.023 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета што ѝ е причинета на државата е уште покатастрофална, таа изнесува близу 170 милиони денари или, поточно, 168.690.068 денари.
По сектори, најмногу дрвја се исечени во Струмичко, каде што биле исечени дури 24.855 кубни метри дрвја. Куманово е второ на листата со 10.611 кубни метри, а веднаш по него е Битола со 7.524 кубни метри дрвја. Најмалку дрвна маса е исечена во Велес, 261 кубен метар.
Најголем број кривични пријави, сторители и кривични дела се евидентирани во главниот град. Во Скопје се регистрирани 202 кривични пријави, 276 сторители и 267 кривични дела, додека 1.561 кубен метар дрвна маса биле исечени во Скопскиот Регион.

ИНТЕРПОЛ МАКА МАЧИ СО ДРВОКРАДСТВОТО

Дека илегалната сеча на дрвја е сериозен и голем проблем говори и фактот со многубројните акции што редовно ги реализираат полициските власти со Интерпол за сузбивање на овој вид криминал против природата.
Ланската акцијата на Интерпол, насловена „Гром“, на полициските власти им одзеде цел месец додека да ги откријат сите канали и криминалци во овој црн бизнис. Во акцијата беа откриени повеќе од две илјади запленети шумски животински видови и растенија.
Само во Индија, царината успеала да пресретне и заплени 18 тони сандалово дрво подготвено за испорака. Исто така, откриени се и 950 тони дрвна граѓа и 15.878 шумски растенија, а повеќе од 45.500 животни и растенија се спасени за време на операцијата.
– Шумскиот криминал, како и криминалот кон шумските животни, е еден од најголемите илегални бизниси во светот, кој има сериозни последици не само по околината туку и по општеството, јавното здравје и глобалната економија – истакна тогаш Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.
Тој нагласи дека овој криминал најчесто оди рака под рака со затајување данок, корупција, перење пари, па дури и убиства, а криминалните групи за шверц ги користат истите траси како и за шверц на оружје, дрога и други илегални производи.