Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија полека ја губи клучната гранка – сточарството. Бројот на говеда, овци, свињи и живина што се одгледуваат во Македонија со години е во постојан пад, а тоа е проследено и со намалување на бројот на фармите. Високите трошоци, конкуренцијата од увезените производи и ниските откупни цени се дел од предизвиците на македонските сточари. Дополнителен проблем е иселувањето на младите од државата, но и миграцијата село – град, што доведува до немање работна сила за извршување на обврските со добитокот

Зошто бројот на добитокот (говеда, овци, свињи, живина…) што се одгледува во
Македонија со години е во постојан пад

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на добиток и живина е драстично намален во однос на 2010 година. Истовремено се забележува и пад на домашното производство на свежо месо и млеко.

Бројот на добитокот во Македонија е преполовен

Според зборовите на нашиот соговорник Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, кај сточарските потсектори најевидентно е опаѓањето на капацитетите, особено во потсекторите говедарство и овчарство, каде што бројот на добитокот е преполовен.
– Основна причина се долгогодишните ценовни дисбаланси помеѓу производството и инпутите, односно цените на сточарските производи и трошоците. Трошоците во производството растат со поинтензивен тренд од тој кај сточарските производи, со што земјоделците не можат да остварат соодветен доход за да ги покријат трошоците во производството, кое станува неисплатливо и земјоделците го напуштаат. Добитокот се продава, најчесто оди во кланиците за месо и од година на година нивниот број евидентно се намалува, а со тоа и производството. Ова дополнително го зголемува увозот на производите од сточарството, пред сѐ млекото и месото, со што дополнително расте негативниот трговски биланс – објаснува Димитриевски.
Тој укажува дека тука постојат и други причини, пред сѐ ниската продуктивност во секторот, немањето доволно инвестиции за модернизација и подобрување на продуктивноста, немањето производство на сопствена добиточна храна, климатските промени, болестите кај добитокот итн. Исто така во овие потсектори депопулацијата на руралните средини, вели тој, особено на младите, доведува до недостиг од работна сила за извршување на операциите.

Кога се губи основното стадо, и при најдобри желби, потребен е период тоа да се обнови, и тоа со значајни вложувања

Професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, исто така издвојува дека сточарството на среден рок тешко закрепнува и го истакнува искуството на сточарството при губење на т.н. „основно стадо“, што е случај кај нас.
– Кога се губи основното стадо, и при најдобри желби, потребен е период тоа да се обнови и потребни се значајни вложувања. Состојбата може да се стабилизира во смисла да се сопре натамошното намалување на бројот на добитокот, но да се врати на нивото што сме го имале во минатото јас сметам дека е невозможно – истакнува Димитриевски.
Според професорот, и за сточарството важи принципот на мултисекторски приод во креирање мерки за справување со проблемите. Потребно е земјоделската политика да креира мерки за заштита и поддршка на доходот на земјоделците, мерки за поддршка на инвестиции во модернизација на фармите, нивно опремување, набавка на високопродуктивен добиток подобен за нашето поднебје.
– Особено треба да се градат мерки и инструменти за зајакнување на пазарната позиција на земјоделските производители, во случајов на сточарите. Значајни се мерките на руралниот развој за подобрување на условите во руралните средини, креирањето работни места надвор од примарното земјоделско производство, инвестирање во преработувачки капацитети, сѐ со цел задржување на младите во овие средини и поддршка за нивно започнување со сточарско производство – нагласува Димитриевски.

Нема кој да одгледува стока и да произведува млеко

Состојбата со сегашните фарми не е најповолна. Најголем број се импровизирани или адаптирани објекти, блиску до семејните куќи, со мал капацитет и несоодветни услови за производство на квалитетно млеко.
Како што нагласи Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, и иселувањето на луѓето, но и цената на млекото влијае на намаленото производство.
– Големото и масовно иселување од руралните средини, особено на младата популација, е една од причините. Едноставно нема кој да одгледува стока и да произведува млеко. Состојбата е таква што младите ја гледаат иднината надвор од руралните средини. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко – смета Станковски.


Кои предлог-мерки за ревитализација на сточарството ќе се преземаат во Србија

За сериозно производство и на млеко и на месо, неопходно е да се зајакне сточарството, за што е потребно одредено време, велат српските земјоделци. Целиот сектор сточарство бил помогнат од државата со стимулативни мерки за квалитетот на грлата, но генерално ја загубиле битката поради ценовната политика на преработувачката индустрија (месо, млеко), како и увозот. Ова е еден од заклучоците од стручната консултација за неопходноста од нови мерки за развој на сточарството.
Како што е наведено, пресметката покажува дека индустријалците ги користеле сите предности од распределбата на премиите за производство и различните стимулации со цел да го зголемат својот профит.
– Денес немаме фарми за гоење говеда бидејќи не можеа да се приспособат на цените, а 8.000-12.000 фарми веќе не се занимаваат со овој бизнис – велат земјоделците.
Претставниците на овој сектор наведуваат неколку клучни предлози за подобрување на сточарското производство. Некои од најважните се транспарентно да се пресмета домашната потрошувачка на млеко, месо, јајца, масло, брашно, а потоа да се утврдат количествата за продажба – извоз. Исто така, сметаат дека е потребно институционално да се реши управувањето со вишокот храна, што е пракса во сите напредни земји.
Сметаат и дека е неопходно да се либерализира извозот на месо од Србија во Европската Унија со ослободување на фискалната давачка за откупено говедско месо од нивната земја, која ја наложи Европската комисија. Тоа го блокирал и го ограничил транспортот на нивната стока низ овие земји.
– Исто така, во подготовката на новата стратегија за развој на земјоделството, која треба да се донесе годинава, потребно е да се дефинираат петгодишните приоритети во секторите, економската и деловната одржливост и потребите на законската регулатива по сектори – велат земјоделците.
Тие уште еднаш апелираа дека треба да се зајакне државната администрација со професионална и рационална сточарска управа, а предлагаат и воведување на институцијата народен правобранител за храна.
– Сметаме дека во изборот на пазарите за пласман на нашите стоки треба да се вклучи и економската дипломатија и да се види каде имаме најголеми шанси за продажба на земјоделските производи. Кога станува збор за говедско месо, тоа е дефинитивно Кина – велат упатените.
Тие се и на ставот дека за сериозни планови и нови програми во сточарството, потребно е да се погледнат сите долгови кон сточарите, по сите основи, што значи од исплата на премии до ИПАРД. Се предлага и формирање фонд за развој на сточарството за набавка на квалитетни грла, како и издавање пасишта без надомест, со програма за одржување, долгорочно по моделот на Европската Унија и овозможување на користењето дизел-гориво за сточарите на условно грло.


Број на добиток и живина во Република Македонија

2022 година 2010 година

говеда 164.751 259.887
свињи 182.604 190.552
овци 646.488 778.404
кози 80.186 75.709
живина 1.561.933 1.994.852

Добиточно производство во Република Македонија

кравјо млеко 324.290 илјади литри 347.103 илјади литри
овчо млеко 38.674 илјади литри 32.157 илјади литри
козјо млеко 13.702 илјади литри 15.074 илјади литри
јајца 148.395 илјади парчиња 335.820 илјади парчиња
месо 23.842 тони