Фото: ЕПА

Баумгартнер постигна гол за Австрија по шест секунди игра на мечот со Словачка, а само една секунда задоцни Вирц на дуелот на Германија со Франција

Кристоф Баумгартнер постигна гол по шест секунди и го запиша најбрзиот гол досега во меѓународниот фудбал во победата на Австрија на гости кај Словачка во Братислава, со 2-0, пишува „Би-би-си“. Играчот од средниот ред прескокна три ривали од самиот почеток на овој пријателски меч и упати удар покрај домашниот голман Мартин Дубравка.
Неговиот гол беше за една секунда побрз од погодокот на Лукас Подолски за Германија на мечот со Еквадор во 2013 година. Извонредниот гол на Баумгартнер беше речиси изедначен подоцна во саботата, кога Флоријан Вирц ја доведе Германија во предност на тест-дуелот со Франција на гости, во Лион, со гол по удар од 25 метри пред да ја удри долната страна на гредата на патот кон мрежата.
Голот на Баумгартнер, исто така, беше за две секунди побрз отколку кога Давиде Гуалтиери ја изненади Англија постигнувајќи гол за Сан Марино по осум секунди во квалификациите за пласман на Светското првенство во 1994 година и голот на Кристијан Бентеке за Белгија против Гибралтар во 2017 година, пишува „Би-би-си“. Најраниот гол некогаш забележан во англиската Премиер-лига е на Шејн Лонг за Саутемптон за 7,69 секунди на нивната средба со Вотфорд во 2019 година, а Рој Макај го има рекордот во Лигата на шампионите, погодувајќи ја мрежата играјќи за Баерн по 10,12 секунди на нивниот осминафинален натпревар со Реал Мадрид, пишува „Би-би-си“.
Вирц го постигна најбрзиот гол за Германија досега, по додавањето од Тони Крос, кој се врати од меѓународната пензија за претстојното Европско првенство во Германија. Крос подоцна потврди дека работеле на овој потег на тренинг, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Н.М.