Фото: Архива

На 10 мај со работа ќе стартува македонската берза на електрична енергија. Со домашната берза ќе раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.

За стартот на работата на домашната берза на струја, за процесот на нејзиното градење, но и начинот на нејзиното функционирање разговаравме со директорот на МЕМО, Симон Шутиноски, кој напомена дека отворањето на домашната берза е само еден чекор во еден поголем процес во кој е предвидено поврзување со берзите во соседството, а потоа и со пазарите во Европа.

Шутиноски во интервју за МИА нагласува оти очекуваат берзата да стане ликвидна од првиот ден, односно се очекува да има тргување во секој час и со тоа конечно да добиеме референтни цени за секој час за македонското општество.

– Тоа значи нашата индустрија, нашите граѓани, целокупната побарувачка и производство на електрична енергија кога ќе се стават во еден систем ќе добиеме цени во секој час релевантни за нашата држава – вели Шутиноски и појаснува дека досега референтната цена се пресметуваше според унгарската берза, ХУПЕКС, која е земена како една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија.

Тој нагласува дека прво битно за целата држава, но и за берзата на електрична енергија е да имаме релевантна цена во секој час. Првично ќе се тргува врз принципот ден однапред, а откако, како што вели, ќе бидат сигурни дека има ликвидност, односно понуда и побарувачка во секој час во текот на денот, ќе се премине кон воспоставување на пазарот во текот на денот или интрадеј маркетот.

Правилата на тргување до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги доставиле пред речиси еден месец, а очекуваат некаде кон средината на следниот месец да бидат одобрени.

Македонската берза прво ќе биде во границите на земјава се додека не настапи првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи. На неа ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на регистрирани учесници на пазарот, кој го води МЕМО ДОЕЛ Скопје како оператор на пазарот.

Во интервјуто Шутиноски говори и за билатералните договори и дали тие ќе продолжат да се применуваат со отворањето на домашната берза, што ќе значи берзата за пазарот на струја, за бројот на производители во земјава, за платформата која ќе се тргува, за нејзината безбедност.