Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин, порачаа денеска во соопштение од Владата, откако компанијата БЕГ – Производство соопшти дека нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.

– Владата континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена – велат во соопштение од Владата.

Од таму истакнуваат дека заедно со ресорните институции постојано работат на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, потенцираат, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното.

И оваа година како и минатата, стои во соопштението, Владата согласно со законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во изминатиот период владиниот економски тим и ресорите енергетика имаа повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза која ја памтиме во поновата историја.

Откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека БЕГ мора да испорачува топлинска енергија се додека не се избере економски оператор, како и да има резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.

По ова се огласи БЕГ дистрибуција и соопшти дека нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.

Од компанијата наведоа дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ Производство продолжиле да ја вршат дејноста и ги завршиле сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.

– БЕГ – Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите.  Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 9.6.2022 година. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.6.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство, наведоа од компанијата.

Јавното отворање на понудите на владините повици за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од градот Скопје се одржа на 13 септември. Во тек е евалуација на доставените понуди на ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје и ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, трите претпоријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.


РКЕ: Обврската за испорака на парно е до издавање лиценца на нов вршител на дејноста

Обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца, во случајов нов вршител на дејноста, велат од Регулаторната комисија за енергетика РКЕ, откако БЕГ дистрибуција денеска соопшти дека нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона.

Од РКЕ истакнуваат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергијa.

– Ве информираме дека Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност) – наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.