Фото: Маја Јаневска-Илиева

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2022 година изнесува 31.407 денари, што е за 2.686 денари повеќе во однос на истиот месец лани или за 9,4 отсто, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Според денешните објавени статистички податоци ова зголемување се должи пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите, како угостителство 19.7 отсто, потоа уметност, забава и рекреација со раст од 16.1 отсто и во преработувачка индустрија 14.3 отсто.

Споредено со мај 2017 година кога просечната нето-плата била 22.889 денари, во мај годинава е зголемена за 8.518 денари и изнесува 31.407 денари.

Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите – здравство (11.0 отсто), трговија на големо и трговија на мало (1.8 отсто) и административни и помошни услужни дејности (1.0 отсто). Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во мај 2022 година, изнесува 46 972 денари.

Во меѓувреме синдикатите тврдат дека повисоки плати се неопходни во услови на рекордна инфлација во земјава, затоа што серизоно растат и трошоците за живот.

Минатиот месец е измерена рекордна инфлација од 14,5 проценти споредено со истиот период минатата година, според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

За толкав процент во јуни оваа година бил зголемен индексот на трошоците за живот во однос на истиот месец 2021 година, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 13,7 отсто.

Според ДЗС на месечно ниво зголемени се цените на основните продукти: маслото, лебот, млекото, месото, како и на горивата за сопствени превозни средства кои се повисоки за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3 проценти, цврстите горива за домаќинства за 6,2 проценти. Исто така, поскапени се и туристичките аранжмани за 6,4 проценти.