Има поместување од „мртва точка“, но в понеделник ќе се одржи нов состанок на кој ќе се направи уште еден обид за доближување на ставовите. Ова е исходот од денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на која синдикалните претставници повторија дека нема да отстапат од барањата. Она што им било понудено, за нив, како што изјавија, не е прифатливо.
– Направивме поместување од „мртва точка“. За понеделник договоривме нов состанок, во 10 часот. Дотогаш се договоривме пресметките што ги направија синдикатите во однос на предлогот на Владата да ги доставиме до нив. Тие во понеделник да достават уште еден предлог, симулација нова, за да видиме дали ќе можеме да ги доближиме ставовите. Она што беше понудено, за нас не беше прифатливо. Ќе видиме во понеделник дали ќе има понова математика од страна на Владата по она што го зборевме денеска внатре – рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по седницата на ЕСС.
Според него, покачување од страна на Владата не било понудено.
– Она што го разговаравме и она што може Буџетот да го издржи и она што беше изјавата на ММФ во текот на вчерашниот ден. Во тие насоки се водеа разговорите денеска. Но, ние не отстапуваме од она што го бараме, дека мора да биде поврзано со просечната плата. Имаше одредено намалување на тој транзициски период што го вика Владата, од неколку години се намали уште малку, ќе видиме дали ќе бидат прифатени нашите пресметки што ќе бидат пуштени во текот на денешниот или утрешниот ден до Владата и во понеделник можеби ќе имаме друга информација – истакна Деаноски.
Разликата во пресметките на синдикатите и Владата, како што напомена, не е мала.
– Намален е транзицискиот период, не е за година и пол да добиеме она што го бараме, но за тие година и пол процентот е за нас премал – дополни претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатите сметаат дека новата методологија што ја предлага Владата за платите во јавниот сектор може да биде трајно решение, но велат дека е предолг периодот од пет години за усогласување на Општиот колективен договор, како што е предложено во неа. Пред почетокот на денешната седница на ЕСС, тие порачаа дека нема да ги прифатат предлозите што им ги нуди Владата за зголемување на платите во јавниот сектор за годинава.
– Нашите барања ние јавно веќе ги презентиравме и доставивме и до Владата и до Министерството за труд и социјална политика – моделот минимална плата помножено со коефициент на сложеност на работни места. Предлогот на Владата е просечна плата помножена со соодветен коефициент на сложеност на работни места што значи тука сме некаде. Меѓутоа, она што е сламка на спрепнување, тоа е долгиот, предолгиот период на усогласување на плативе, тоа е нивниот предлог од пет години. Дефинитивно ова за нас како СОНК и како Конфедерација на слободни синдикати е неприфатлив – изјави Јаким Неделков, претседателот на СОНК пред почетокот на седницата на ЕСС.
Деаноски, пак, порача дека нема да прифатат ништо на денешната седница на ЕСС и посочи дека долго време го истакнуваат нивното барање методологијата да биде иста како што имаат функционерите – просечна плата со коефициент.
МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавниот сектор
Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП) по денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС).
Како што информира Министерството, на седницата била презентиранa Методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 – 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.
– По конструктивната дискусија меѓу социјалните партнери во однос на предлогот, се донесе заклучок дека периодот на транзиција од 2,5 години е прифатлив, а владините претставници ќе направат нови симулации согласно понудените предлози од страна на синдикатите – наведува МТСП.
Седницата на ЕСС ќе продолжи в понеделник, а ќе се разгледуваат новите понудени предлози за пресметка на платата на вработените во јавниот сектор.
– По конструктивната дискусија меѓу социјалните партнери во однос на предлогот, се донесе заклучок дека периодот на транзиција од 2,5 години е прифатлив, а владините претставници ќе направат нови симулации согласно понудените предлози од страна на синдикатите – наведува МТСП.
Со седницата претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. На ЕСС беа присутни вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, државната секретарка на Министерството за економија Размена Чекиќ – Дуровиќ, претставници на синдикатите, работодавачите и институциите.
Седницата почна со едноминутно молчење и оддавање почит кон прерано починатиот Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите (ССМ).