Фото: Архива

Судскиот совет на денешната 446 седница ги усвои записниците од 438, 439, 440 и 441 седница на Судскиот совет на Македонија. Станува збор за записниците од двете итни, нејавани седници (440 и 441) со кои беа надминати случувањата од седницата од 26 април годинава на која Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет (438), како и седницата од 4 мај на која беше избран новиот претседател на советот Сашко Георгиев (439).

При усвојувањето на овие записници, членот Ивица Стефановски праша дали содржината на записниците одговара со тонскиот запис од истите, бидејќи, според него, станува збор за сензитивни настани, при што генералната секретарка на Советот одговори дека тие се проверени и соодветствуваат, односно нема несогласувања.

Судскиот совет денеска расправаше по повеќе претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, поднесени до Судскиот совет на Македонија при што за најголемиот дел од нив одлучи дека се неосновани.

Помеѓу неоснованите претставки беше и претставката од Министерството за внатрешни работи во однос на постапување на Основен граѓански суд, а која се однесува на работен спор.

Според претставката, министерот издал решение за отказ на вработен поради употреба и користење на наркотични средства што претставува потешка повреда на работниот ред и дисциплина, а во судскиот процес судијата не го прифатил лабораторискиот наод од судската медицина.

Претходно, судскиот совет изгласа престанок на судиска функција на судијката Марија Георгиева од Основен суд Струмица поради исполнување на услови за старосна пензија.

Под точка разно беше усвоен престанок на функцијата на еден судија поротник поради смрт, а беше усвоен и предлогот судијата Дарко Ристов од Основен Кочани уште една година се делегира да постапува во Основен суд Берово и да биде ВД претседател.

Судскиот совет, на денешната седница, под точка разно изгласа членот Весна Дамева да се иземе од оценување на судии пред кои се водат постапки каде што како странка се јавува правното лице што го управува нејзиниот сопруг. Станува збор за тројца судии во Основен кривичен и еден во Основен граѓански суд. На крајот беше изгласан и предлогот Весна Толева да продолжи да биде генерален секретар на Советот.