Експертизата за опожарениот мост „Беласица“ е направена од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и драфт верзијата е предадена во Град Скопје, потврди за МИА директорот на Институтот, професор Михаил Гаревски.

Од визуелната инспекција, вели Гаревски, не е забележана ниту на еден дел од мостот изложеност на каблите за преднапрегање, туку тие се скриени со заштитниот слој на бетон. Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали.

Иако оштетувањата се мали, посочува, сепак ќе треба да се изврши санација.

Но, потенцира, потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот, појаснува професорот.

Иако тој вели дека извештајот е предаден во Град Скопје, оттаму велат дека во моментот не располагаат со никакви информации.