Податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го прикажуваат нивото на европскиот БДП по жител во 44 земји во тековни американски долари. Најбогатите нации во Европа, според БДП по жител, се Луксембург, Ирска и Швајцарија. Тие ја предводат листата на најбогати нации во Европа по БДП по жител, сите над 100.000 долари

Бруто-домашниот производ (БДП) по жител во европските држави и за ЕУ во 2024 година

Македонската економија драстично заостанува зад европската, особено зад развиените европски земји, за што конкретен показател е бруто-домашниот производ (БДП) по жител. Разликата меѓу нашиот раст на БДП по жител и европскиот е драстична и неспоредлива, па наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани јазот станува сѐ подлабок, а разликите поголеми.
Европа е дом на некои од најголемите и најсофистицирани економии во светот. Но како земјите од регионот се споредуваат едни со други на основа на продуктивност по жител?
Податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го прикажуваат нивото на европскиот БДП по жител во 44 земји во тековни американски долари. Најбогатите нации во Европа, според БДП по жител, се Луксембург, Ирска и Швајцарија. Тие ја предводат листата на најбогати нации во Европа по БДП по жител, сите над 100.000 долари.
Три нордиски земји (Норвешка, Исланд, Данска) исто така имаат високо место, помеѓу 70.000 – 90.000 долари. Другите нордиски земји, Шведска и Финска, се рангирани веднаш под нив помеѓу 55.000-60.000 долари.
Во меѓувреме, најголемите европски економии во апсолутна вредност, Германија, Велика Британија и Франција, се рангирани поблиску до средината на првите 20, со БДП по жител околу 50.000 долари.
На крајот од скалата, Источна Европа како целина има тенденција да има многу помал БДП по жител. Во таа група Украина е на последното место, со 5.660 долари. Над Украина на скалата се наоѓаат Косово со 6.390 долари, потоа Белорусија со 7.560 долари, па Македонија со 7.690 долари и Босна и Херцеговина со 8.420 долари. Додека, пак, Србија има поголем БДП по жител – 12.380 долари, како и Црна Гора – 12.650 долари. Бугарија е малку над нив и е на 33. место со 16.940 долари.
Бројките покажуваат дека просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 44 илјади американски долари, додека кај нас речиси осум илјади американски долари по жител. Просекот на БДП по жител во ЕУ е речиси шест пати поголем од македонскиот. Од германскиот БДП по жител, нашиот е речиси седум пати понизок. Додека, пак, од Луксембург, најбогатата земја, нашиот БДП е 16 пати понизок.
Според процените на домашни економски експерти, нереални се очекувањата да ги стигнеме европскиот стандард, раст и развој. Најпрво, поради тоа што споменатите категории кај нив се исклучително динамични, и тоа со постојан тренд на позитивен раст. Второ, според експертите, недостижни се и поради внатрешните домашни фактори, кои генерираат раст и развој. Во тој контекст, економските експерти инсистираат на рапидни економски реформи со кои ќе се одговори на ваквиот предизвик, и тоа со двоцифрена бројка на економски раст, бидејќи единствено така има некаква зголемена веројатност за повеќе од неколку десетлетија да го стигнеме европското економско ниво.

Неколку едноставни калкулации за пластично отсликување на економските состојби и динамиката на растот

Ако состојбата е како во моментов и растот на Македонија се движи околу 2 отсто, но и Европа продолжи да расте со 2 отсто, тогаш само би се продлабочувал јазот и ние никогаш не би го стигнале нивото на ЕУ! Според експертите, ние би го достигнале нивото на просечен БДП на ЕУ, како што е денес, можеби за шеесетина години, но за тоа време Европа ќе порасне многу повеќе и јазот ќе стане уште поголем. Европа ќе се оддалечува од нас! Така што, ако останеме на нашиот раст на БДП од 2 отсто, тогаш станува повеќе од јасно дека Европа само ќе се оддалечува од нас (затоа што раст од 2 отсто на 44.000, не е ист со нашиот раст од 2 отсто на речиси 8.000 евра), при што ние никогаш нема да можеме да го стигнеме нивото на ЕУ!
Натаму, ајде да земеме друга калкулација, во која хипотетички Македонија ќе успее да оствари раст од 6 отсто (што досега ни бил највисокиот раст на БДП, во 2007 година), а (хипотетички повторно) Европа ќе стагнира и ќе остварува раст од 1 до 2 отсто. Во овој случај, можеби би ни биле потребни триесетина години за да се доближиме до животниот стандард на Европската Унија, но повторно доколку ЕУ стагнира и нема раст (што е далеку, дури предалеку од реално да биде – ЕУ 30 години економски да стои, односно да стагнира…), што значи дури и со нереални хипотетички претпоставки, повторно сме далеку речиси половина век од остварување на БДП што ќе го има ЕУ.

Оптимистички согледувања за македонскиот БДП

Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Македонија има сигурно многу поголем БДП по жител, ако се земе предвид големиот процент на сива економија.
– Така, ако сивата економија изнесува околу 40 отсто, тоа значи дека реалниот БДП по жител би бил околу 12.800 американски долари по жител. Но, се разбира, дека ова е наш проблем и во иднина мораме навистина да се справиме со сивата економија – потенцира Димитров.
Што се однесува на тоа како да постигнеме поголем раст на БДП, а со тоа и на животниот стандард на граѓаните, Димитров вели дека треба да бидеме свесни дека без коренити реформи во одредени области нема да имаме шанси за повисок економски раст! И тие реформи треба да ги сфатиме и спроведеме како неопходни (услов без кој не се може), за да ги спроведеме темелните економски реформи во државава.
– Пред сѐ, треба да започнеме со реформи во образованието, кои можат да дадат резултат на подолг период. Ова значи кариерно насочување на младите, зголемување на квалитетот во сите степени на образованието и усогласување на уписната политика со потребите на стопанството. Не смееме и понатаму да образуваме кадри за туѓи држави, а нашето стопанство да има недостиг од кадар. Втората важна реформа е во државната администрација, таа наместо партизирана, обемна и немотивирана, мора да биде департизирана, добро обучена, мала и со повисоки плати. Третата реформа е во областа на правосудниот и обвинителскиот систем. Ни треба владеење на правото во сите области и низ целата држава – потенцира Димитров.
Четвртата битна работа, додава тој, е стимулирање на претприемаштвото и подигање на угледот на бизнис-секторот на потребното ниво, затоа што единствено тој создава новосоздадена вредност, а неговиот углед во општеството е многу низок. И на крајот, потребни се добри услови за стопанисување за да се зголемат инвестициите, како на странските така и на домашните инвеститори.
– Без инвестиции и развој нема зголемување на економската активност, извоз и зголемување на колачот од кој сите сакаат да земат. Притоа сакам да нагласам дека поради зголемениот јавен долг на државата во иднина ќе се намалуваат можностите за поголеми јавни инвестиции во инфраструктурата, кои го поттикнуваат економскиот развој. Затоа треба сите наши напори да ги насочиме кон стимулирање на инвестициите на приватниот сектор – укажува Димитров.


Украина со најнизок БДП по жител

За поширока споредба конкретно за Украина, ММФ пишува дека БДП по жител на Украина е сличен со оној на Иран (5.310 долари), Ел Салвадор (5.540 долари) и на Гватемала (5.680 долари).
Според експертите, економијата на Украина историски не ги исполнила очекувањата. По падот на Берлинскиот ѕид, економијата се намалуваше пет години по ред. Нејзината транзиција кон западна либерализирана економска структура беше засенета од широко распространетата корупција, ограничениот даночен фонд и малкуте извори на приходи.
Политички, нејзината трансформација од авторитарен режим во граѓанска демократија се покажа тешка, особено кога станува збор за градењето институции.По инвазијата на земјата во 2022 година, БДП на Украина се намали за 30 отсто во една година – најголемата загуба од независноста. Големата емиграција – во износ од шест милиони бегалци – исто така игра улога.
И покрај овие предизвици, економскиот раст на земјата донекаде се стабилизираше додека борбите продолжуваат.


Приказ на БДП на првите 20 земји во ЕУ по жител

1. Луксембург 131.380 долари

2. Ирска 106.060 долари

3. Швајцарија 105.670 долари

4. Норвешка 94.660 долари

5. Исланд 84.590 долари

6. Данска 68.900 долари

7. Холандија 63.750 долари

8. Сан Марино 59.410 долари

9. Австрија 59.230 долари

10. Шведска 58.530 долари

11. Белгија 55.540 долари

12. Финска 55.130 долари

13. Германија 54.290 долари

14. В. Британија 51.070 долари

15. Франција 47.360 долари

16. Андора 44.900 долари

17. Малта 41.740 долари

18. Италија 39.580 долари

19. Кипар 37.150 долари

20. Шпанија 34.050 долари

Просек на ЕУ 44.200 долари