Треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час во час. Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на Русија и Украина, не се очекуваат директни последици, но можни се индиректни. Најновите случувања влијаат особено на глобалните пазари на енергенси и храна, што заедно со сè поголемата неизвесност може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија, констатира на седница Советот на Народна банка (НБ).
Од централната банка денеска соопштија дека стабилноста на финансискиот систем е поддршка на домашната економија.
Според НБ, заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата. Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем.
На седницата на Советот е констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута.