Претстои битка за економијата

Ескалацијата на судирите и воените дејства во Украина ги наруши и прекина економските текови, со можни негативни последици и врз домашната економија. Во таа насока се неопходни стратегиско планирање, организација и координација на сите економски субјекти во државата, за колку што е можно да се превенираат и избегнат негативните последици врз домашната економија. Истовремено треба да се бараат и нови решенија за обезбедување на сите потребни предуслови за функционирање на економијата во актуелните услови и постојано да се следат сите случувања и, соодветно на тоа, да се носат и одлуки во интерес на домашната економија и македонските граѓани

И додека светот со нетрпение ги очекуваше крајот на пандемијата и можностите слободно да шета и да се врати на своите претходни навики, сите направени планови и проекции како да паѓаат во вода. Надежите дека светската економија, а оттаму и домашната економија оваа година ќе успеат да се вратат на претпандемискиот период згаснаа со влошувањето на состојбите и интензивирањето на воените дејства во Украина. Луѓето сѐ уште со неверување ги следат информациите за навлегувањето на руските трупи во Украина, за борбите што се одвиваат таму, како и за големиот бегалски бран на сите оние што се решија да ја напуштат татковината поради стравот за своите животи и животите на своите најблиски.
Ескалацијата на руско-украинската криза ќе има огромни последици врз економиите во светот, а оттаму, сосема очекувано, и врз домашната економија. Наспроти сите надежи дека оваа година би можеле да се вратиме на некогашните навики, светот е во паника од понатамошниот развој на случувањата во Украина. Во надеж дека нападите ќе завршат без поголема ескалација или дека ќе бидат стопирани и ќе се пристапи кон барање дипломатско решение на зелена маса, голем дел светски сили започнаа со економски мерки за кои очекуваа дека ќе ги запрат воените дејства на Русија во Украина.
Но првичните мерки не го постигнаа посакуваниот ефект, па се најавија и поригорозни мерки, меѓу кои и исклучување на руските банки од меѓународниот платежен систем „Свифт“. Целта на оваа мерка, како што потенцира портпаролот на германската влада, е „да се отсечат руските банки од меѓународните финансиски текови, што ќе ги ограничи нивните глобални операции“. Исклучувањето на Русија од системот „Свифт“ беше барано и претходно, бидејќи тоа овозможува безбедно и брзо прекугранично плаќање и значително ја олеснува меѓународната трговија. Сега руските банки опфатени со оваа мерка потешко ќе добиваат приливи, со што треба да се намалат и приливите во Централната банка на Русија.

Но ескалацијата на кризата и воените дејства се закануваат дека ќе направат многу поголеми штети врз севкупната економија и ќе го уназадат животот на граѓаните како во двете земји-учеснички во конфликтот, така и пошироко.
Русија и Украина учествуваат со 29 проценти од светскиот извоз на пченица, со 19 проценти од светските резерви на пченка и дури со 80 отсто од светскиот извоз на сончогледово масло. Ваквата состојба создава загриженост кај трговците поради опасноста ситуација да влијае врз севкупните текови и да ги натера увозниците да бараат замена за производите, што сигурно нема да се одвива ниту лесно ниту брзо.
Но, дополнително на ова, Русија е еден од најголемите извозници на гас во Европа. Голем број европски земји се зависни од рускиот гас, па очекувањата се дека на среден рок економските влијанија и нарушувања може да бидат многу поголеми. Првиот ден по ескалацијата на воените судири, светските берзи, но и домашната беа под силен удар. Цената на гасот нагло се зголеми, домашната берза забележа значителен пад на вредностите на акциите…
Исто така, значаен факт што ќе влијае врз светската економија, а оттаму и врз домашната, е податокот дека Русија и Украина извезуваат важни производи, како никел, алуминиум… Намалувањето на понудата од овие две земји кон другите ќе ја намали глобалната понуда, што исто така ќе влијае врз цените, кои досега беа под притисок поради нарушената пазарна рамнотежа наметната од пандемијата.
Никој не може да каже точно или да предвиди како ќе се одвиваат состојбите сега, ниту пак колкави ќе бидат економските штети, но факт е дека сите се надеваат конфликтот што побрзо да заврши. Економските ефекти или последици зависат од обемот, должината и интензитетот на оваа војна. Колку подолго трае, толку попогубни ќе бидат последиците.

Иако домашните економисти, но и претставниците на државните институции укажуваат дека обемот на трговската размена со Русија и Украина е мал, па директните последици врз домашната економија ќе бидат мали, како резултат на малото учество на трговската размена со двете земји.
Војната ги загрижи домашните хотелиери и угостители, кои се надеваа дека оваа година, по двегодишното преживување, ќе имаат поголем број странски туристи, од кои дел секако требаше да бидат од Русија и Украина. Сега стравуваат дека војната ќе ги одврати од ваквите планови, како поради конфликтот, кој не остава простор за планови за одмори, така и поради влошениот животен стандард на граѓаните. Дополнително, со влошувањето на состојбите во енергетскиот сектор, енергентите ќе стануваат сѐ поскапи, а тоа дополнително ќе влијае на животниот стандард на граѓаните.
Дополнително, ескалацијата на конфликтот ќе ги наруши воспоставените трговски врски, но и ќе ги направи пазарите воздржани на подолг период, што ќе се одрази и врз европската економија, а оттаму и врз нашата. Дополнително, затегнатите услови и недостигот од доверба меѓу земјите ќе спречат побрзо закрепнување на економиите и ќе предизвикаат дополнителен ценовен притисок.

Иако сите надежи и молби се пред сѐ насочени кон побрзо завршување на воените дејства, кои воопшто и не треба да се случуваат во 21 век, стравувањата се дека продлабочувањето и влошувањето на состојбите во Украина ќе имаат далекосежни последици врз сите нас. Во таа насока се неопходни стратегиско планирање, организација и координација на сите економски субјекти во државата, за колку што е можно да се превенираат и избегнат негативните последици врз домашната економија. Истовремено треба да се бараат и нови решенија за обезбедување на сите потребни предуслови за функционирање на економијата во актуелните услови и постојано да се следат сите случувања и, соодветно на тоа, да се носат и одлуки во интерес на домашната економија и македонските граѓани.