Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста. Синдикатите реагираат дека со тоа се кратат работничките права и дека не смее да се суспендираат колективните договори, додека од Владата уверуваат дека нема да има кратење на платите и на работничките права.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека консолидацијата на расходите во државните институции не значи намалување на платите, туку дека се работи за план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.

– Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза – рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Ќе се ревидираат менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем ќе биде задолжена да ја дефинира новата форма.

Според Ковачевски, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.

– Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори кога и како ги добиваат вработените. Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе дојде кај некого и да го намали договорот за работа и да добиваат помала плата – рече Ковачевски.

Од синдикатите, пак, вчера излегоа со реакција дека нема да дозволат кратење на платите на работниците и неисплаќање на додатоците и надоместоците од плата. Укажуваат дека не смее да биде откажан или ревидиран ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор.

– Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права, порачуваа вчера од ССМ.

За евентуалното кршење на националните закони и меѓународните трудови стандарди, од ССМ најавија дека ќе ги информираат европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот, Европскиот совет и сите надлежни институции на домашно и светско ниво.

И од Синдикатот на УПОЗ, во кој членуваат најголем дел од вработените во јавниот сектор, оценуваат дека со ваквиот потег Владата го укинува колективното договарање и ги прекрши Уставот, законите и конвенциите на МОТ кои ги има потпишано државата.

– Со ваквите постапки, Владата единствено успеа да го навлече бесот на вработените и да ги обедини синдикатите, а за последиците и бесот кој ќе произлезе од овие мерки, ние нема да бидеме одговорни, порачуваа вчера од Синдикатот на УПОЗ.

Реакција стигна и од Синдикатот на културата од каде ја повикаа министерката за култура да каже дали ќе ги спроведе мерките и дали тоа би значело намалување на платите на вработените во институциите од културата во време на инфлација и криза.

– Во време кога ЕУ поставува стандарди за 80 отсто покриеност на правата на вработените со колективни договори, секое менување и поистоветување со постоечки нефункционални пракси, кои во моментов генерираат проблеми кај различни категории на вработени во јавниот сектор, се во суштина уназадување на правата на вработените и како такви ги отфрламе. СКРМ остро застанува против Закон со кој би се утврдила методологија на пресметка и висина на плати, нешто кое треба да биде исклучиво преку Колективен договор. Сѐ друго е тоталитарен механизам, кој им дава максимална контрола на работодавците, а со тоа го убива социјалниот дијалог, наведува СКРМ.

Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) барајќи да не се намалуваат платите на новинарите и медиумските работници во Медиумската информативна агенција. (МИА). Велат дека со најавениот План за фискална одржливост не може да бидат опфатени сите институции што се буџетски корисници поради нивната различна дејност. Додаваат дека дејноста, што ја извршуваат новинарите и медиумските работници е од јавен интерес и дека во услови на криза дополнително им се зголемува обемот на работа, но и одговорноста за нивно професионално и објективно извршување.

Појаснување за препораките и мерките вчера имаше и од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Мерките и препораките, вели тој, не се насочени кон никого лично и во нив се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва.

– Тоа е за сите, за цел јавен сектор. Во период на криза не е период на калкулации. Таму има дадени совети што треба да направат и на централна власт и на локална власт и јавни претпријатија и акционерски друштва. Не е насочено лично кон никого. Се е начин на заштеда во овој период – рече Битиќи.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, што и да се прави, ќе биде во разговор и во договор со сите засегнати страни.

На вчерашната прес-конференција во Владата, Маричиќ рече дека првпат слуша за намалување на администрацијата како конкретна мерка.

– Немам информација дека ќе има намалување на бројот. Првпат го слушам ова и не можам да коментирам, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.