Фото: Пиксабеј / Илустрација

Стратегијата за енергетска трансформација да биде поддршка на националните потенцијали за одржлив развој на стопанството и благосостојба на граѓаните

  • Клучниот предизвик со кој се соочуваат креаторите на енергетските политики не е само да го следат темпото на однадвор наметнатите задолжителни трансформации туку да обезбедат „енергетски штит“ што ќе гарантира непречена работа, па и раст и развој на домашното стопанство и индустријата и достоинствен живот за граѓаните

Во време кога светот се соочува со глобална геополитичка и економска неизвесност и кревки енергетски пазари, вистинскиот државен суверенитет повеќе не се мери само со граници туку со способноста на една земја самостојно да обезбедува домашна енергија за својата економија, односно стопанство, и за своите граѓани.
Несомнено енергетската безбедност е еден од столбовите на националната стабилност, а таа може да се постигне единствено преку максимално искористување на најдостапните и најреални домашни ресурси. Секоја стратегија што се потпира на апстрактни идеали, наметнати како ултиматуми, занемарувајќи ја потребата од стабилна базна енергија, ризикува да ја доведе државата во позиција да биде целосно зависна од туѓи интереси и непредвидливи увозни цени.
Токму затоа, клучниот предизвик со кој се соочуваат креаторите на енергетските политики не е само да го следат темпото на наметнатите однадвор задолжителни трансформации туку да обезбедат „енергетски штит“ што ќе гарантира непречена работа, па и раст и развој на домашното стопанство и индустријата и достоинствен живот за граѓаните. Цената на енергијата мора да создаде услови за економска конкурентност, а и да биде социјално поднослива за граѓаните за нашиот економско-социјален стандард, што е можно само доколку државата управува со свои домашни капацитети што произведуваат струја 24 часа на ден, независно од временските услови. Патот кон зелена иднина не смее да води преку енергетска непредвидливост, туку напротив, тој мора да биде трасиран со реални и ефикасни домашни решенија.

Амбициозна зелена агенда со 61 мерка

Македонската влада завчера официјално го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима (ИНИПК) за периодот 2025–2030 година. Документот, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), содржи 61 мерка насочени кон декарбонизација и напуштање на јагленот. Сепак, додека Брисел аплаудира на зелената транзиција, економските експерти и стопанството предупредуваат дека без сигурна базна енергија, македонската енергетска независност останува само на хартија.
Новиот стратешки документ има цел да ја усогласи државата со европските климатски стандарди. Од вкупниот број мерки, дури 26 се насочени исклучиво кон декарбонизација и намалување на емисиите на стакленички гасови. Владата предвидува голем инвестициски бран во сончева и ветерна енергија, но и воведување на наметнатиот систем за цената на јаглерод, што директно ќе влијае врз цената на електричната енергија за домашните производители.
Од МЕРМС посочуваат дека планот е резултат на широк консултативен процес и вклучува препораки од Секретаријатот на Енергетската заедница. Но предизвикот што се наметнува е дали овој „европски печат на планот“ сака да ги земе предвид спецификите на македонскиот систем, кој со децении се потпираше на домашните термоцентрали и базно производство на домашна поевтина енергија од која под притисок и ние лесно се откажавме, односно со наметнати ултиматуми се ограничивме со куси временски рокови. Таквите политики на добро познатите центри на моќ беа практикувани врз нас и за други суштински прашања, вклучително и идентитетските. Препознатливоста на тие тактики и нашето досегашно (горко) искуство треба да нѐ направат поумешни во менаџирањето на енергетско-економските предизвици, што во еден дел и го правиме.

За нас сѐ уште базната енергија е столб на сувереноста

Додека планот форсира „обновливи извори“, енергетските експерти во земјава се децидни. Имено, сонцето и ветрот се променливи извори што не можат да ја гарантираат стабилноста на мрежата без силна поддршка од базна енергија. Во услови кога во светот се водат војни за енергенти, Македонија не смее да се откаже од сопственото производство на базна енергија, пред сè преку хидропотенцијалот и когенеративните постројки на гас. Тука е всушност пресекот на множествата меѓу агендата со која нѐ притиска ЕУ и нашите прифатливи облици на енергетско производство
Хидроцентралите и когенеративните системи (кои истовремено произведуваат струја и топлинска енергија) се единствената реална замена за јагленот што нуди сигурност 24/7. Без нив, државата се соочува со ризикот да стане целосно зависна од увоз во моменти кога нема сонце или ветер, што во услови на глобална криза е директна закана за националната безбедност.

ММФ дава легитимитет на решенија „скроени по мерка“

Интересно е што во исто време кога Владата го промовира овој план, најновата анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) испраќа сосема поинаква порака. ММФ сега препорачува „национални политики“ и „внатрешни мерки“ како суверен клуч за справување со кризите.
Ова е јасен сигнал дека и меѓународните финансиски институции признаваат оти универзалните решенија не функционираат за секого. Македонија има легитимно право, повикувајќи се токму на овие препораки за „управување со ризици“, да ги приспособи своите енергетски планови така што приоритет ќе биде домашната стабилност, а не само исполнувањето на квотите од Брисел.

Напуштање на јагленот – предвремена одлука?

Планот предвидува постепено напуштање на јагленот, што е најтешкиот зафат во енергетската историја на земјата. Но додека не се завршат капиталните објекти како „Чебрен“ или големите гасни когенеративни постројки, секое затворање на домашните капацитети е коцкање со економијата.
„Управувањето со ризици“, како што велат и професорите од Економскиот факултет при УКИМ, значи да се предвидат „што ако“ ситуациите. Што ако увозната струја биде прескапа? Што ако европските интерконекции бидат преоптоварени? Одговорот секогаш лежи во домашната базна енергија.
Иако ИНИПК 2025–2030 е неопходен чекор кон модернизација, неговата вистинска вредност ќе произлезе од способноста дополнително да се усогласи со овдешните состојби и очекувања. Македонија треба да го искористи моментот кога и ММФ повикува на суверени национални мерки. Рецептот за македонскиот енергетски успех е синергија меѓу декарбонизацијата и цврстата базна енергија. Само со таков пристап, енергетската трансформација ќе биде процес што гради, а не процес што изложува на ризик.