Фото: ЕПА

Словенија: Најави за референдуми за излез од ЕУ, НАТО и СЗО

  • Идеите за напуштање на клучните меѓународни организации ја ставаат малата партија Ресница во центарот на вниманието. Но колку навистина тежи нејзиниот политички капитал?
  • За потсетување, новоформираниот парламент на Словенија го избра Зоран Стевановиќ за претседател на законодавниот дом. На тајно гласање, Стевановиќ доби поддршка од 48 пратеници во 90-члениот парламент, со што го надмина потребниот минимум од 46 гласа. Стевановиќ е лидер на партијата Ресница, која освои пет пратенички места на парламентарните избори што беа одржани на 22 март

Повикот на Зоран Стевановиќ, лидерот на партијата Ресница, за распишување референдуми за излез на Словенија од Европската Унија, НАТО и Светската здравствена организација (СЗО) не е само изолирана политичка изјава туку и внимателно осмислен мотив околу кој се гради целиот наратив на неговата партија.
Овие идеи, иако на прв поглед политички радикални, се вклопуваат во поширокиот европски тренд на зголемен евроскептицизам и недоверба кон глобалните институции. Сепак, во словенечкиот контекст, тие повеќе звучат како политички сигнал отколку како реална стратегија за широко и масивно политичко движење за преземање власт. Интересно, самиот Стевановиќ како лидер признава дека членството во ЕУ носи повеќе придобивки отколку штети, што ја открива сѐ уште актуелната спротивност меѓу прагматизмот и обидот за суверенистичка мобилизација на словенечките граѓани.

Што е Ресница – партија на отпор кон либерализмот или партија на нова
сериозна словенечка политичка доктрина?

Ресница е релативно мала, но медиумски видлива политичка опција, која се позиционира како антиестаблишментска. Нејзиниот подем е тесно поврзан со кризата предизвикана од ковид-19, кога партијата стана гласен критичар на владините мерки и на улогата на Светската здравствена организација. Во суштина, Ресница се обидува да се претстави како платформа за „обичниот граѓанин“, нудејќи директна демократија преку референдуми, намалување даноци и силна борба против корупцијата. Но, според многумина политички аналитичари, сѐ уште е забележливо дека зад оваа реторика често стои недоволно разработена економска и институционална рамка.

Идеологија: Суверенизам и антиглобализам

Идеолошки, партијата Ресница комбинира елементи на суверенизам, традиционализам и антиглобализам. Централна теза е дека одлучувањето треба да се врати од Брисел во националните институции, пред сè во Љубљана. Оваа позиција резонира со дел од гласачите, кои се чувствуваат маргинализирано од глобализацијата, но истовремено ја става партијата во судир со доминантниот проевропски консензус во Словенија и неолибералите, кои се совпаѓаат со политиките на сегашната Европска комисија. Притоа, реториката за излез од меѓународни организации повеќе функционира како средство за политичка мобилизација отколку за остварлива политика.

Ресница не е без влијание

И покрај медиумската експонираност, треба да се издвои информацијата дека Ресница не е дел од извршната власт. Нејзиното влијание е ограничено, но не и занемарливо, особено во ситуации на политичка фрагментација, каде што секој пратеник може да биде пресуден. Изјавата на нејзиниот лидер Зоран Стевановиќ дека ќе поддржи премиер што ќе ги прифати нивните програмски цели покажува прагматичен пристап, а тоа е идеологија во служба на политичко позиционирање. Поддршката што ја добил од Социјалдемократска партија на Словенија, иако формално значајна, засега не го трансформира во клучен политички актер. За потсетување, новоформираниот парламент на Словенија го избра Зоран Стевановиќ за претседател на законодавниот дом. На тајно гласање, Стевановиќ доби поддршка од 48 пратеници во 90-члениот парламент, со што го надмина потребниот минимум од 46 гласа. Стевановиќ е лидер на партијата Ресница, која освои пет пратенички места на парламентарните избори што беа одржани на 22 март.
Во актуелниот политички пејзаж на Словенија, ставовите на Зоран Стевановиќ имаат ограничен, но не мал дострел. Главните политички партии остануваат цврсто ориентирани кон Европската Унија и НАТО, а јавноста во голема мера ја поддржува таа ориентација. Сепак, неговата појава не треба да се игнорира. Таа е симптом на пошироко незадоволство, и тоа економско, политичко и институционално, кое може да се продлабочи доколку не биде соодветно адресирано.
Ресница можеби сега останува на маргините на словенечката политика, но со потенцијал да влијае врз јавниот дискурс, како таканаречено „политичко јазиче“ на вагата за создавање на извршната власт.
Нејзините идеи за референдуми и враќање на суверенитетот, иако засега без реална извршна перспектива, претставуваат потсетник дека и во стабилните демократии постои простор за алтернативни, па дури и малку порадикално политички, не во смисла на политичко насилство, туку во смисла на дијаметрално спротивни визии за иднината на Словенија од сегашните.