Фото: Макфакс

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, во Брисел, оствари билатерален состанок со еврокомесарката за енергетика на Европската Унија, Кадри Симсон.

На средбата присуствуваа и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, и амбасадорот македонската мисија во ЕУ, Зулфи Исмаили.

Главна тема на состанокот беше поддршката што Европската Унија ѝ ја дава на  Македонија за справување со енергетската криза, како и мерките што ги презема нашата земја во делот на безбедноста на снабдување со енергенти, но и зголемувањето на независноста од рускиот гас.

Министерот Бектеши ѝ се заблагодари на Европската Унија за финансиската поддршка од 80 милиони евра за справување со енергетската криза, кои ѝ се обезбедени на Македонија.

Првата транша од 72 милиона евра или 90 % од финансиската поддршка се очекува да биде исплатена најдоцна во првата недела од февруари, а како што информира министерот Бектеши, овие пари се наменети за мерки за поддршка на домаќинствата и малите потрошувачи за справување со енергетската криза.

Некои од мерките што се предвидени со овие средства, како што рече министерот Бектеши, се наменети за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средните компании за одржување континуитет на бизнисот, како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Министерот Бектеши ја информира еврокомесарката дека од почетокот на годината, по потпишувањето договор помеѓу Македонија и Бугарија за зголемување на количините на гасоводот помеѓу двете земји, се отвори можност земјата да се снабдува со гас од повеќе извори, со што се намали зависноста од рускиот гас.

Во таа насока, како што рече Бектеши, годинава ќе почне изградбата на интерконекторот за гас со Грција, со што целосно ќе се овозможи диверзификација за снабдувањето со гас на земјата од повеќе извори.

Министерот информира дека забрзано се реализираат инвестиции во обновливи извори на енергија, пред сè, фотонапонски централи. За разлика во минатото кога во земјата имаше изградено фотонапонски централи со вкупен инсталиран капацитет од 17 мегавати, а сега само во последните 6 години се изградени или во завршна фаза на изградба се фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќност 250 мегавати.

Министерот исто така рече дека со цел справување со енергетската криза, Владата на Македонија беше меѓу првите земји во регионот што презедоа мерки за заштита на граѓаните.

Со цел да го зголеми домашното производство, а со тоа и граѓаните и компаниите што се снабдуваат од регулиран пазар да добијат пониска цена, во текот на 2021 година од беа исплатени 86 милиони евра, а во текот на 2022 година 203 милиони евра, односно вкупно 289 милиони евра во двете години. Дополнително на ова, за да се заштитат граѓаните и стопанството од оваа криза, беа донесени два пакета антикризни мерки во вредност над 760 милиони евра.

За 2023 година, во буџетот во посебна програма за справување со енергетска криза и за мерки за поддршка вкупно се предвидени 225 милиони евра.