По седум кола на еден од најстарите турнири, кој го има 85-то издание, Абдусаторов има 5,5 поени, еден повеќе од четворица шахисти

Младиот, 18-годишен Узбекистанец Нодирбек Абдусаторов (2.713 рејтинг-поени) во седмото коло забележа уште една победа, против 19-годишниот Индиец Арјун Еригаиси (2.722) со црни фигури на еден од најстарите турнири, во Вајк ан Зе (Холандија), често именуван како „Шаховски Вимблдон“. Во т.н. Петрова одбрана, белиот по отворањето имаше убава предност, но подоцна во комплицирана средишница продолжи непрецизно со својот топ и западна во тешкотии, па мораше да се предаде во 43-от потег.
Светскиот првак Магнус Карлсен (2.859) со бели фигури ја доби партијата со Романецот Ричард Рапорт (2.740) во т.н. Петрова одбрана. Црниот реши да не ги менува кралиците и отиде во многу остро продолжение со својот коњ, а подоцна одигра и неправилна жртва, па на крајот остана со една фигура помалку. Карлсен по двата пораза во низа и ремито потоа, забележа цел поен, што е втора победа за него во Вај ан Зе.
Американецот Фабијано Каруана (2.766) беше во дефанзива во раниот дел од партијата против младиот 22-годишен Иранец Пархам Магсодлу (2.719), кој имаше послаба позиција, но Каруана не можеше да најде начин како да ја реализира предноста и по маратонските 106 потези партијата заврши со реми. Младиот Индиец (17) Рамешбабу Прагнананда (2.684) ја забележа втората победа на турнирот, против Холанѓанецот Џорден ван Форест (2.681). Американецот Весли Со (2.760), исто така, оствари втора победа, овој пат на дуелот со 16-годишниот Индиец Домарају Гукеш (2.725), кој го претрпе и четвртиот пораз и засега е последен, со само три ремија. Без победник завршија и партиите помеѓу Ерменецот Левон Аронијан (2.735) и Холанѓанецот Аниш Гири (2.764), како и Германецот Винсент Кејмер (2.696) и Кинезот и претендент за титулата светски првак Динг Лирен (2.811). До крајот на 85-то издание на турнирот остануваат уште шест кола.
Табела: Абдусаторов 5,5, поени, Прагнананда, Гири, Каруана и Со по 4,5 Аронијан четири, Магсодлу, Динг и Карлсен по 3,5, Еригаиси три, Рапорт 2,5, Кејмер и Ван Форест по два, Гукеш 1,5. Г.И.