За поголемиот дел од глобалната економија, 2023 година ќе биде тешка година бидејќи главните двигатели на глобалниот раст, САД, Европа и Кина, ќе доживеат забавување на економската активност, предупреди првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд.
– Новата година ќе биде „потешка од годината што ја оставаме зад нас.Зошто? Затоа што трите големи економии – САД, ЕУ и Кина – забавуваат во исто време. Очекуваме дека една третина од светската економија ќе биде во рецесија. Дури и во земјите кои не се во рецесија, стотици милиони луѓе ќе се чувствуваат како да се – рече директорката на ММФ Кристалина Георгиева за Си-би-ес њуз.
Во октомври, ММФ ги намали изгледите за глобалниот економски раст во 2023 година, наведувајќи го континуираниот притисок од војната во Украина, како и инфлаторните притисоци и високите каматни стапки создадени од централните банки, како што е американската централна банка, за да го ублажат растот на цените.
Георгиева рече дека Кина, втората по големина економија во светот, најверојатно ќе расте со или под глобалниот раст за првпат во 40 години, бидејќи бројот на случаи на ковид-19 се зголемува по укинувањето на ултра строгата политика за нулта стапка на ковид.
Згора на тоа, очекуваниот пораст на инфекциите со ковид во наредните месеци веројатно дополнително ќе ја погоди нејзината економија и ќе го забави регионалниот и глобалниот раст, рече Георгиева, која отпатува во Кина на крајот на минатиот месец.
– Следните неколку месеци би биле тешки за Кина, а влијанието врз кинескиот раст би било негативно, влијанието врз регионот би било негативно, влијанието врз глобалниот раст би било негативно – рече таа.
Во меѓувреме, американската економија се издвојува и би можела да избегне целосен колапс што веројатно ќе влијае на дури една третина од економиите во светот.
– САД се најотпорните и би можеле да ја избегнат рецесијата. Гледаме дека пазарот на трудот е сè уште доста силен – рече Георгиева.