Фото: МИА/Илустрација

Едно лице загина во тешката сообраќајна несереќа, која се случи вечерва меѓу автобус со беровски регистерски таблички и возило опел астра со пробиштипски регистерски ознаки   на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на клучката кај штипската приградска населба Три Чешми.

Според првичните информации од портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова несреќата се случила во 19.45 часот. Лекарите од Итната медицинска помош на лице место констатирале дека  загинал сопатникот од автомобилот, а возачот со повреди е хоспитализиран во Клиничка болница-Штип.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА потврдува дека едно лице од сообраќајната несреќа веќе е на испитување кај нив, со цел да се утврдат повредите и да добие соодветен лекарски третман. Повредени патници во автобусот нема.

Во тек е увидот од страна на полицијата и јавниот обвинител. Во моментов за сообраќај е затворен екпсресниот пат Штип-Кочани кај клучката кај Три Чешми.