Aвторски текст на претседателката на европската централна банка

Откако Управниот совет на Европската централна банка оваа недела ги зголеми клучните каматни стапки за еврозоната за 0,5 отсто, завршувајќи го осумгодишниот период на негативни стапки, се огласи претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
„Обединети сме во решително враќање на инфлацијата на целното ниво од 2 отсто на среден рок. Ова е прво зголемување на стапките во последните 11 години, но всушност е само последниот чекор во укинувањето на специјалните мерки што моравме да ги донесеме како одговор на низа кризни ситуации.
Почнавме со укинувањето на посебните мерки минатиот декември, кога најавивме суспензија на програмата за откуп на обврзници поради пандемијата, што ѝ помогна на еврозоната полесно да се справи со последиците за економијата што произлегуваат од кризата предизвикана од болеста ковид-19.
Минатиот месец ги суспендиравме купувањата во програмата што започна во 2015 година, кога еврозоната беше загрозена од ризикот од дефлација, која може да биде штетна колку и високата инфлација.
1.Инфлацијата ќе се врати на целното ниво од 2 отсто. Со чекорите што ги преземаме испраќаме јасна порака до бизнисите, работниците и инвеститорите: инфлацијата ќе се врати на целното ниво од 2 отсто на среден рок. Со нив веќе влијаеме на каматните стапки во целата еврозона и тие ќе влијаат на економијата на начин што ќе придонесе за враќање на целокупната стабилност. Ќе продолжиме да ги зголемуваме каматните стапки сѐ додека е потребно за да се врати инфлацијата на нашето целно ниво. Во исто време, свесни сме за големата неизвесност со која се соочува Европа, пред сѐ поради војната и цените на енергентите.
2. Неопходен е непречен пренос на монетарната политика низ еврозоната. Спроведуваме монетарна политика во монетарната унија на 19 земји, на која наскоро ќе ѝ се приклучи и 20-та земја – Хрватска. Според тоа, нашата политика е проширена на домаќинствата и компаниите на 19 различни финансиски пазари. За успешно да одговориме на високата инфлација во целата еврозона, мора да се грижиме за непречено нејзино пренесување во сите земји од еврозоната. Затоа дизајниравме нов инструмент „Трансмишн протекшн инструмент“ (ТПИ). Со него ја штитиме уникатноста на нашата монетарна политика, а со тоа придонесуваме за стабилност на цените на среден рок. Еврото обединува 340 милиони граѓани. Таа е стабилна валута од нејзиното воведување и тоа нема да се промени. Ние сме посветени на одржување на неговата стабилност. Тоа е наша задача и ќе ја исполниме“, напиша Лагард во авторски текст.