Фото: Макфакс

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот Крешник Бектеши и директорот на „Пазарна“ Горан Трајковски, посетија маркет од познат скопски синџир за да ги проверат цените. Откако ги разгледаа цените, премиерот се одлучи за две пакетчиња макарони, а покрај сирењето, купи и урда. За целата сметка плати 328 денари, известува „Макфакс“.

– Десно, десно, уште десно, онде се тестенините – го насочуваа Ковачевски додека пазареше, за полесно да ги најде макароните.

– Сите цени се намалени – убедуваше претставникот на маркетот.

Бектеши за време на пазарењето му дофрлаше нешто поврзано за цените. Ковачевски отиде и кај сирењето зеде едно парче. На крајот отиде на касата за да си ја плати сметката.

– Намалени се цените – рече Ковачевски по пазарењето.

Од денеска со одлука на Владата цените на млечните производи и на тестенините треба да се поевтини за 15, односно 10 проценти. Според одлуката, цената на тестенините се намали за 15, а на млечните производи за 10 отсто, и ќе важи до 31 мај.

Државниот инспекторат најави дека од утрово на терен ќе контролира дали се почитува владината одлука и потсети дека казните за непочитување се движат од 800 до 10 илјади евра.

Премиерот и министерот за економија, претходно, исто така, отидоа во маркет за да пазарат во присуство на камери и фотографи, со цел да се уверат дали има евтин леб по замрзнатата цена, откако одлуката стапи на сила на почетокот на месецов.