Минималната плата за само четири и пол години порасна за 100 отсто, односно двојно, додека стапката на невработеност денеска изнесува најниски 15,7 отсто, истакна премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во гостувањето во емисијата „200“ на телевизија Алсат.
– По неколку седници на економско-социјалниот совет, Владата, Синдикатот, работодавците, постигнавме договор за зголемување на минималната плата, јас секогаш сум бил застапник да трудот  на работниците треба да се вреднува и дека минималната плата е нешто што треба да биде над прагот на сиромаштијата – рече Ковачевски.
Посочи дека пред доаѓањето на Владата на СДСМ, Северна Македонија била препознавана како рај  за евтина работна сила и доаѓале инвеститори на кои што им се нуделе работници за плата од 9.000 денари.
– Во тоа време беа потребни четири минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка, денес после 100% зголемување на минималната плата имаме намален број на невработени лица, значи историски најмала стапка на невработеност од 15,7 отсто, и денес, потрошувачката кошничка се покрива со две плати – истакна Ковачевски.
Тој ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да се откаже од блокадите на измените на Законот со кој 4.700 наставници во основното и средното образование ќе добијат трансформација на работниот однос, а со тоа и повисоки плати.
– Ние како партија имаме поднесено законско решение, во Собранието, прво за трансфорамација на работниот однос на 4.700 наставници во образованието од определено на неопределено работно време, потоа за исплаќање на плата која што ќе биде со коефицинети на минималната плата, за вработување на помошници во самите образовни институции. И тоа законско решение беше блокирано од истата таа опозиција која што денес бара усогласување на платите, што само по себе е парадокс. Ова законско решение е блокирано повеќе од една година – рече Ковачевски.
Истакна дека во овие четири и пол години, освен минималната плата, има раст на платите во сите сектори и тоа е потврдено со официјални податоци.
– Најголем историски раст на платите во социјалната сфера беа направени за време на оваа Влада, над 20% беа зголемени платите за негувателките, докторите, лекарскиот персонал добија најголемо историско зголемување“ порача Ковачевски додавајќи дека не може некој кој што бил против сето тоа денеска да го суди решението кое што е во интерес на работниците и во интерес на зголемувањето првенствено на минималната плата, потоа и на просечната плата – изјави премиерот Димитар Ковачевски.