НАТО го зголемува воениот буџет на 2,03 милијарди евра:
Воениот буџет на НАТО за следната година е зголемен за 12 отсто, на 2,03 милијарди евра, а цивилниот буџет за 18,2 отсто, на 438,1 милиони евра.
– Зголемувањето и проширувањето на користењето на заедничкото финансирање на НАТО им овозможува на сојузниците поефикасно да се справат со заедничките безбедносни предизвици – се истакнува во соопштението на НАТО.
Цивилниот буџет на Алијансата обезбедува средства за персоналот, оперативните трошоци и програмските расходи на штабот на НАТО и неговиот меѓународен персонал, додека воениот буџет ги покрива оперативните трошоци на штабот, мисиите и операциите на командната структура на Алијансата низ светот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека зголемувањето на буџетот е „конкретен израз на повисоко ниво на амбиција“ за постигнување на целта поставена од сојузниците на Алијансата на самитот во Мадрид минатиот јуни.
Зголемувањето на буџетот на најголемиот воен сојуз во светот се случува во време на растечки глобални предизвици, како и криза во Украина и во другите делови на светот.
Подготвил: Митко Јовановски