Анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува за побавен раст и повисоки ризици
- Основната нишка во анализата на ММФ е дека војната ќе има ограничено времетраење и интензитет, со постепено смирување до средината на 2026 година. Но ова сценарио е далеку од сигурно. Во случај на подолготрајни енергетски шокови, глобалниот раст би можел да падне на 2,5 отсто, а инфлацијата да достигне 5,4 отсто. Во уште поцрно сценарио, со сериозни оштетувања на енергетската инфраструктура, растот би се намалил на околу 2 отсто, додека инфлацијата би надминала 6 отсто до 2027 година – нивоа што асоцираат на економска стагфлација
- Во ваков сложен геополитички и геоекономски амбиент, ММФ предлага еден рецепт за кризен менаџмент што ќе се потпира на три столба: 1. Дисциплина, 2. Реформи и 3. Координација. Притоа клучни би биле нивна синергија и „комбинација од национални политики и меѓународна соработка“. Економските експерти во ова препознаваат еден „нов лист“ на мерки и зафати како препорака на ММФ, а се однесува на препознавање на НАЦИОНАЛНИТЕ политики на државите, истакнувајќи ги како приоритет домашните, внатрешни суверени мерки на државите во прв план, а потоа и координацијата за истите тие „на ниво на меѓународна соработка“…
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) испраќа сигнал дека глобалната економија влегува во фаза на структурно забавување. Намалувањето на прогнозата за раст во 2026 година на 3,1 отсто, за 0,2 процентни поени под јануарската процена, не е само статистичка корекција туку и индикатор со кој институцијата алармира за постоење на подлабоки проблеми. Иако растот за 2027 година останува на 3,2 отсто, трендот покажува „стабилизација на ниво под историскиот просек“, и тоа од 3,7 отсто во периодот 2000–2019.
Тоа значи дека светската економија постепено се приспособува на нова реалност, која значи послаба динамика, поголема ранливост и континуирана изложеност на шокови.
И уште една новост: ММФ со т.н. „референтна“, а не „базна“ прогноза!
Особено е значајно тоа што ММФ овој пат не користи класично т.н. „базно сценарио“, туку ја користи таканаречената „референтна прогноза“. Тоа се должи на фактичката состојба со глобалните промени и турбулентности што создаваат тешкотија да се предвидат ефектите од тековните геополитички конфликти.
Основната претпоставка е дека војната ќе има ограничено времетраење и интензитет, со постепено смирување до средината на 2026 година. Но ова сценарио е далеку од сигурно. Во случај на подолготрајни енергетски шокови, глобалниот раст би можел да падне на 2,5 отсто, а инфлацијата да достигне 5,4 отсто.
Во уште поцрно сценарио, со сериозни оштетувања на енергетската инфраструктура, растот би се намалил на околу два отсто, додека инфлацијата би надминала шест отсто до 2027 година – нивоа што асоцираат на економска стагфлација.
Инфлацијата повторно во фокус и со инфлаторен притисок што не попушта
Наместо постепено смирување, глобалната инфлација се ревидира нагоре. Очекувањата се дека таа ќе достигне 4,4 отсто во 2026 година, пред да се намали на 3,7 отсто во 2027 година.
Тоа укажува дека инфлаторните притисоци се поупорни отколку што се очекуваше. Комбинацијата од нарушени синџири на снабдување, енергетска нестабилност и геополитички ризици создава средина во која ценовната стабилност станува сè потешка за одржување.
Интересно е што без тековните конфликти, прогнозата за раст во 2026 година би била повисока – околу 3,4 отсто. Тоа значи дека најголемиот дел од ревизијата надолу директно произлегува од геополитичките тензии.
Најранливите економии под најголем удар
Иако глобалните бројки изгледаат умерено негативни, ефектите не се рамномерно распределени. Земјите во развој, особено оние што се зависни од увоз на суровини, се соочуваат со значително поголеми предизвици.
– За овие економии, имено за земјите во развој, особено оние што се зависни од увоз на суровини, прогнозата за раст е намалена за 0,3 процентни поени за 2026 година. Од друга страна, развиените земји остануваат релативно стабилни. Тоа дополнително го продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните економии – велат нашите соговорници, професори на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје.
Коментирајќи ја најновата анализа и проекција на ММФ, тие констатираат дека структурните слабости, ограничените фискални резерви и зависноста од надворешни фактори ги прават овие земји особено чувствителни на шокови.
Нови ризици на економско- трговскиот глобален хоризонт
Покрај геополитиката, ММФ предупредува на низа други потенцијални ризици. Трговските спорови повторно би можеле да ескалираат, особено околу ретките земни елементи – клучни ресурси за технолошката индустрија.
Дополнително, преголемите очекувања од вештачката интелигенција може да доведат до разочарување. Доколку профитите не ги оправдаат очекувањата, можни се намалување на инвестициите и нагли корекции на финансиските пазари.
Тоа покажува дека ризиците не доаѓаат само од класичните извори туку и од новите технолошки и структурни трансформации.
Натаму, во анализата на ММФ се наведува дека зголемените буџетски дефицити и растечкиот јавен долг создаваат дополнителен притисок врз економиите. Во услови на веќе ослабени фискални позиции, тоа може да доведе до повисоки каматни стапки и построги финансиски услови. Истовремено, слабеењето на институциите, особено независноста на централните банки, може да ги зголеми инфлаторните очекувања. Тоа е особено ризично во периоди на ценовни шокови.
Рецептот на ММФ предвидува три столба: дисциплина, реформи и координација
Во ваков сложен геополитички и геоекономски амбиент, ММФ предлага еден рецепт за кризен менаџмент што ќе се потпира на три столба: 1. Дисциплина, 2. Реформи и 3. Координација. Притоа клучни би биле нивна синергија и „комбинација од национални политики и меѓународна соработка“.
Економските експерти во ова препознаваат еден „нов лист“ на мерки и зафати како препорака на ММФ, а се однесува на препознавање на НАЦИОНАЛНИТЕ политики на државите, истакнувајќи ги како приоритет внатрешните суверени мерки на домицилните држави во прв план, а потоа и координацијата за истите тие на ниво на меѓународна соработка.
– Централните банки треба да останат внимателни и подготвени за решителни чекори, со јасна комуникација и зачувување на кредибилитетот. Од друга страна, фискалните мерки треба да бидат таргетирани, привремени и насочени кон најранливите категории – се наведува во анализата на ММФ.
Клучни се и поефикасно управување со ресурсите, рационализација на трошоците и обновување на фискалните резерви преку зголемување на приходите.
– Најголемиот предизвик во наредните години нема да биде само растот туку и управувањето со ризиците – велат нашите соговорници, подвлекувајќи го ставот од анализата на ММФ дека токму „управувањето со ризиците е повеќе од доволно за да се промени економската слика прекуноќ“.
А токму управувањето со ризиците (на државите) е еден од елементите што се однесуваат на начинот на кој една држава ги идентификува, анализира и контролира потенцијалните закани што можат да ѝ наштетат на економијата (енергетиката, безбедноста, здравјето итн.), всушност на стабилноста на општеството. Е.Р.
Накусо за процесот на „управување со ризици од страна на државите“, како најголем предизвик за растот споменат од страна на ММФ
Нашите соговорници процесот на „управување со ризици од страна на државите“ едноставно го опишуваат како процес преку кој државата се подготвува за ситуации „што ако“ и се обидува да ги намали последиците.
Главни елементи на процесот на управување со ризици, според нив, се:
1. Идентификација на ризици
Државата утврдува кои опасности постојат (на пример: инфлација, недостиг од енергенти, економска криза, други видови закани, како воени, здравствени или природни катастрофи…)
2. Процена на ризици
Се анализира колку е веројатно да се случат и колку би биле сериозни последиците.
3. Планирање мерки
Се креираат стратегии и политики за справување (закони, институции, планови за итни случаи, се мобилизираат сите мисловни и творечки потенцијали, се соработува со јавноста, се комуницира со медиумите заради комуникација со јавноста итн.).
4. Примена и контрола
Се спроведуваат мерките и се следи дали функционираат.
Нашите соговорници подвлекуваат дека „доброто управување со ризиците помага да се намалат штетите, да се заштитат граѓаните и да се одржи стабилноста на државата“. Во случајов на предлог мерки и зафати како препорака на ММФ за да се амортизира ударот на економската криза, добро е да се знае дека таа институција приоритетите сега ги префрла на националните политики на државите, истакнувајќи ги како приоритет внатрешните суверени мерки на државите во прв план, а потоа и координацијата за истите тие на ниво на меѓународна соработка. Тоа значи дека и ММФ им дава легитимација на домашните институции да се справат со тековната и со претстојната криза, во интерес на своите граѓани, на начин и обликување на зафатите креирани токму за своите граѓани и стопанство, затоа што не се сите на еднакво ниво. Таканаречените мерки „теилор меид“, односно „скроено по мера“ (во економијата тоа значи нешто што е специјално дизајнирано според конкретните потреби, а не прифатени универзални мерки однадвор), се специјално скроени мерки што би имале најголеми ефекти за националните стопанства и граѓаните, а потоа истите тие треба меѓународно да се координираат, истакнуваат нашите соговорници. Е.Р.
































