Владата на наредната седница ќе донесе одлуки за прогласување кризна состојба за електрична енергија и за топлинска енергија што ќе важи од 1 септември годинава, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Кризната состојба ќе важи со започнување на мерките од 1 септември, па до крајот на септември. Во меѓувреме, во Собрание ќе пратиме барање за продолжување на кризната состојба до крајот на грејната сезона, бидејќи таква е регулативата во нашата држава, односно по 30 дена кризна состојба Собранието треба да донесе одлука за нејзино продолжување – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Во делот на топлинската енергија, како што кажа, веќе се формирани компаниите од страна на ЕСМ.
– Денеска на седницата на Владата е донесена одлуката за започнување на постапка. На наредната седница на Владата ќе биде објавен јавниот повик на кој најверојатно ќе конкурира ЕСМ иако тоа можеше да го направи и Град Скопје, но најверојатно тие сега веќе немаат ни компанија за таа намена – прецизира Бектеши.