Фото: Маја Јаневска Илиева

Последната одлука на Уставниот суд само ги потврди измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето изгласани во јули минатата година! Имено, како прво, граѓаните што имаат блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години може да побараат деблокирање. Второ, граѓаните може да побараат застарување на долгот. Трето, доколку на граѓанинот не му поминал рокот од 10 години од извршителското решение, може да побара намалување на каматите, кои не смеат да бидат повисоки од основниот долг. Четврто, извршителите и судиите мора да постапуваат по измените изгласани во јули мината година!

Уставниот суд се произнесе за иницијативите за поништување на измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето

Уставниот суд не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година. За потсетување, со измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето се предвиде застарување на извршувањата! Понатаму, во измените на споменатите закони се предвиде и граѓаните да може да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител. Исто така, според истите законски измени, граѓаните може да бараат намалување на каматите, бидејќи токму каматите не смее да го надминат износот на основниот долг.
Постојат и низа други олеснувања за граѓаните предвидени во гореспоменатите закони, но истите тие беа оспорени со 15 иницијативи од повеќе институции поднесени пред Уставниот суд. Но Уставниот суд донесе одлука да не ги прифати наводите на подносителите од 15 иницијативи и да не поведе постапка за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето, од причина што Уставниот суд смета дека двата закона се во согласност со Уставот.
– Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од причина што смета дека двата закона се во согласност со Уставот. Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи, кои за овој предмет беа поднесени до судот. Остануваат во правниот промет сите членови од измените на Законот за облигационите односи, како што е членот 1, кој дефинира дека износот на достасаната, неисплатена казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг. Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигационите односи нема повратно дејство, односно ретроактивност, бидејќи се однесува на постапки што сѐ уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки што пред стапувањето во сила на законот завршиле. Судот оцени и дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку, напротив, јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот еднакво – изјавија од Уставниот суд.

Да потсетиме дека минатата година извршителите реагираа веднаш по усвојувањето на измените на законите и заедно со адвокатите, поддржани од коморите, побараа Уставниот суд да ги поништи измените. Во барањето за поништување на законите наведоа дека со измените во нееднаква положба се ставаат странките, односно се врши дискриминација на доверителите, а должниците се ставаат во привилегирана состојба. Тие негодуваа поради тоа што измените на законите по изминување на периодот од 10 години како апсолутен рок на застареност, сметано од денот на поднесувањето на барањето за извршување, се гасат правата на доверителите за наплата на побарувањата и со тоа должниците се целосно ослободени од секаква обврска што имаат кон доверителите. За подносителите на иницијативата, ваквото законско решение има негативно влијание во однос на еднаквоста на странките во облигациониот однос.
Иако измените на законите беа донесени во јули минатата година и граѓаните што имаа блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години можеа да побараат деблокирање, извршителите не постапуваа по нивните барања. Во изминатите пет месеци имаше и граѓани што извршителите ги препраќаа во судовите за бришење на застарените долгови или деблокирање на сметките, па многумина почнаа и такви постапки, но и судиите не постапуваа по измените. Е.Р.