Министерството за економија ќе донесе мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните, посебно на тие категории на граѓани кои имаат најголема потреба. Во моментов е при крај подготовката на Предлог-ребалансот на буџетот и најверојатно до крајот на неделата, најдоцна почетокот на наредната недела ќе излеземе и со новиот буџет и со нови мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Министерството за економија на дневна база ги добива анализите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кои ни даваат импут во креирање и дизајнирање на мерките. Мерките се дизајнираат со Организација на потрошувачи, со стопанските комори и преку секторите на Министерството за финансии и Министерството за економија. ДПИ и директорот не ги креираат мерките, тие даваат импут во делот на тоа каде би можело да се интервенира за одредени производи во одредени сектори – рече Бектеши.

Нагласи дека сакаат директно да поддржат ранливите категории на граѓани, кои како што кажа, помина тешка година со инфлацијата и додаде дека веднаш можат да реагираат и да ги ограничат маржите ако се одлучат на тоа. Ги повика производителите на леб во државата да не ја покачуваат цената, а за производителите на млечни производи истакна дека е надлежно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

-Млечната индустрија не е во нашиот домен. Министерството за економија во своите надлежности има трговија, а преработката на млечната индустрија е во доменот на МЗШВ. Ние сме наделжни за трговијата што се прави со млечни производи. Ако одредена компанија произведува млечни производи, од моментот кога почнува да ги тргува тогаш Министерството за економија има механизми како да постапи, било тоа да е од домашно производство, било да е трговија со млечни производи кои се прават во делот и на увозот и на извозот. Што се однесува до Министерството за економија ќе донесе такви мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните согласно импутот што ќе го има, вклучувајќи го тука и МЗШВ. Во однос на лебот во неколку наврати ги повикав производителите на леб во нашата држава, посебно во регионот на Скопје тие 4-5 компании кои се поголеми да не ги менуваат цените. Тие многу добро знаат што ќе им следи ако имаа зголемување во цената на лебот – прецизира Бектеши.

Нагласи дека на веб-страницата на Министерството за финансии може да се види листата на прехранбени производи на кои евентуално би им се зголемило ДДВ-то од 5 на 10 отсто ако помине законското решение во Собранието.

-Мислиме дека е коректна листа која е подготвена од страна на сите што беа вклучени. Сите проверки се направени со сите засегнати страни и тоа би било фер пристап на зачувување и заштита на најранливите категории на нашите граѓани – посочи Бектеши.

Истакна дека мислат оти треба да има солидарен данок, но додаде дека претходно треба да се направат некои измени во предлог-законското решение, имајќи предвид дека помина многу време од моментот кога беше пуштено во собраниска процедура.

-Отворени сме за да разговараме и да преговараме и со стопанските комори и внатре во склоп на Собранието, рече Бектеши.