БЕГ има обврска да ги сторнира сметките за парно греење за август за кои реагираа граѓаните, нагласи министерот за економија Крешник Бектеши на маргините на самитот „Отворен Балкан“ во Белград, откако компанијата порача дека Владата не ги исплатила субвенциите што се пресметуваат во сметките.

– Управата и менаџментот на БЕГ треба да знаат дека Владата презема одредени обврски. Тие се откажале од лиценците или им се одземени од РКЕ, каде што ќе имаме нов снабдувач, дистрибутер и произведувач на топлинска енергија. Во моментот кога БЕГ ќе се порамни со ЕСМ, ние како Влада, тоа што сме го ветиле ќе го направиме. Тие сметки ќе бидат сторнирани од РКЕ и БЕГ има обврска да праќа нови сметки кон потрошувачите во Скопје – вели Бектеши.

Министерот го образложи порамнувањето на БЕГ со ЕСМ, одговарајќи на новинарско прашање.

– Тоа значи дека со топлинската енергија во градот Скопје, иако официјално е БЕГ, ние преку ЕСМ сме влезени во делот на менаџирање и организација. Тие како БЕГ имаат обврски кон ЕСМ и предвидено е со завршната сметка што ќе се достави за целата оваа година да има порамнување. Согласно постоечките податоци со кои располагаме, БЕГ должи одредени средства на ЕСМ. Тие треба да ги порамни и тогаш ќе можат да ја добијат директната субвенција од страна на Владата – објасни Бектеши, нагласувајќи дека Владата се залага за заштита на буџетските корисници и граѓаните.

БЕГ вчера реагираше преку соопштение дека сѐ уште не се исплатени субвенциите кои компанијата ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во февруари, март и април годинава, во висина од 99,6 милиони денари, согласно владината одлука, односно дека субвенцијата на потрошувачите на топлинска енергија до овој момент е на товар на компанијата.

Од БЕГ посочуваат дека услугата снабдување со топлинска енергија за грејната сезона 2022/2023 се фактурира согласно последната Одлука донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика донесена на 29 јули годинава.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) претходно објави дека е побарано од БЕГ да ги сторнира сметките за парно греење за скопјани за август. Перетседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на прес-конференција истакна дека сметките се зголемени за 40-тина проценти, посочувајќи дека РКЕ бара БЕГ да ги сторнира сите сметки коишто се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во коишто ќе биде вкалкулирана субвенцијата која што ја добиваат граѓаните од страна на Владата. За оние граѓани кои веќе ги платиле сметките, Бислимоски рече дека ќе им биде вратена разликата во сумата во наредните сметки, без разлика дали дејноста ќе ја врши БЕГ или некоја друга компанија.