фото: Стопанска комора

Претстојниот изборен процес е предвиден и ќе помине со најмали штети кај бизнисот, оцени денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Тој на прес-конференција повтори дека за реалниот сектор е многу важно изборите да се одржуваат во редовните термини, а кампањите да бидат кратки за воопшто да не влијаат врз работата на компаниите.

Според Азески, борбата против корупцијата и сивата економија, брзата гасификација на државата, директната поддршка за извозните компании, регулирањето на односите во медиумската сфера и поголемите напори за евроинтеграците и регионалниот развој, се приоритетните барања што ќе им бидат испорачани на партиите.

Претседателот на Комората најави дека бизнис-заедницата ќе продолжи да врши притисок врз институциите за надминување на клучните предизвици – обемните вработувања во администрацијата, непродуктивните трошења и огромните задолжувања без конкретна реализација, но овојпат, како што напомена, притисокот ќе биде многу пожесток и поголем.

Правната држава и основните принципи на пазарната економија, потенцира, се алфа и омега за работа на компаниите и се што ќе оди во насока на нивно подобрување, ќе биде поддржано од бизнисот.

– Демократијата подразбира избори, но за нас во овој момент е битно изборите да се одржуваат во редовните термини, кампањите да бидат кратки и да не влијаат воопшто на работата на бизнисот и компаниите. Има напредок во изминатите 30 години и се надеваме дека овие избори ќе поминат во најдобар ред. Два елемента – ако има инциденти и ако изборите се вонредни, укажуваат на состојба која ќе влијае врз непредвидливоста на капиталот. Не можеме да измериме точно во бројки или во пари колку ќе изнесува загубата поради намалувањето на обемот на активностите на државата, но не очекуваме чудо од државата. Сме се договориле и сами да се снаоѓаме. Оваа ситуација е предвидена и ќе биде со најмали штети. Ќе оставиме простор граѓаните да го кажат своето мислење, ние имаме платформа, ги чекаме политичките партии да поразговараме за економијата во наредниот период и морам да кажам дека досега сме најдобро подготвени – истакна Азески.

Бизнисот, дополни Азески, ќе бара и да се изгради механизам за контрола на трошењето на буџетските средства кои се директно наменети за бизнисот.

– Како да се изгради механизам за контрола на трошењето на буџетски средства кои се директно наменети за бизнисот и тоа, пред се, за капиталните инвестиции, за нерационалните трошења и за вработувањата во администрацијата кои одземаат голем дел од Буџетот, со што дел од таа социјална, непродуктивна компонента би пренасочиле во развојните компоненти. Свесни сме дека тоа не може да се направи во еден мандат, но почнувањето на тој процес, ќе даде сериозен сигнал – подвлече претседателот на Комората.

Азески порача и дека од кризите мора да се извлече максимум. Фирмите, нагласи, научиле да живеат во вонредна состојба и да создаваат имунитет.

– 0д 2008 година сме во криза. Тогаш почна финансиската криза која никогаш не заврши и нема да заврши зашто предвидливоста е доведена во прашање и дома и на регионално и на светско ниво и тоа се одразува. Фирмите се научија да живеат во вонредна состојба. Но, да, губиме и како фирми и како бизниси и како држава, но создаваме имунитет за слични ситуации. Анализите покажуваат дека сите земји во опкружувањето се со исти проблеми. Мислам дека треба да се поддржи нашата Декларација од 100-годишнината за во овие моменти да се обедини целокупниот потенцијал што учествува во градењето на домашната економија, а тоа значи да се пребродат кризите и да се извлече максимална корист од нив. Во однос на нашите приоритети, тие се утврдени пред 15 години. Прв приоритет е борбата против корупцијата и сивата економија, втор е брза гасификација на државата, трет е директна буџетска поддршка за извозните компании без никакви марифетлуци, четврти приоритет е регулирање на односите во медиумската сфера со регистрација на електронските медиуми, односно измени на Законот за трговски друштва за да не биде плукан бизнисот од сите страни, а последниот приоритет е да вложиме поголеми напори за евроинтеграциите и регионалниот развој – рече Азески.

Одговорајќи на новинарски прашања, информира и дека вчерашната средба со Димитар Ковачевски била протоколарна.

– Се поздравивме со човекот со кој работевме две години. Нашите ставови во соработката со таа влада беа јасно изразени, од почеток до крај беа критично настроени во делот на ингеренциите кои во најголем дел, наместо да се движат во регулативата, се движеа во чепкање на џебот на бизнисот, но тоа го сметаме за процес што мора да се помине и кој ќе донесе повисок степен на соработка, зашто тоа не се работи кои може да се решат преку ноќ – нагласи Азески.