фото: Кабинет на претседателот

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на свеченост со Медал за заслуги за Република Македонија одликуваше шест странски македонисти – Зузана Тополињска, Златко Крамариќ, Јоуко Линдстет и постхумно Јежи Русек, Кшиштоф Вроцлавски и Далибор Брозовиќ.

– Им велиме благодарам на шестмина заслужни странски македонисти. Велам странски, иако тие се и наши, бидејќи секој оној што го посветил животот на проучувањето и промовирањето на македонското јазично богатство, на нашата комплетна татковина, не може да биде сметан за туѓинец, ами за нашинец – рече Пендаровски додавајќи дека за славистите македонскиот јазик отсекогаш бил предизвик и научен, и личен.

За академик Тополињска претседателот рече дека е еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик во Полска и во светот. Ја нарече „прва дама на македонистиката“ која, рече, толку се соживеала со македонистиката што веќе 40 години живее и работи во земјава, стекна македонско државјанство и стана редовен член на МАНУ, каде што со години раководеше со Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“.

Топољинска не беше присутна на свеченоста и Медалот во нејзино име го прими и се заблагодари академик Катица Ќулавкова.

– Да го кажам она што таа синоќа во разговорот ми го кажа зашто не  е тука да рече „јас сум Македонка“. Таа е по род Полјачка, меѓутоа се чувствува како Македонка  затоа што е де факто натурализирана Македонка. Околу половина од својот живот го поминува тука и ја продолжува традицијата на нашите големи лингвисти како Божидар Видоевски и Блаже Конески – рече Ќулавкова.

Медал му беше врачен на финскиот славист, професорот Јоуко Линдстет од Универзитетот во Хелсинки, најистакнат македонист во скандинавските земји. Во 2003 година, во грчката патријаршиска библиотека во Александрија, го открил Кониковското евангелие од крајот на 18 или почетокот на 19 век кое, како што рече Пендаровски, е алката која недостасуваше во генеологијата на македонскиот јазик.

Проф. Линдстет кој славистика студирал во 1970-тите години и вели дека „македонистиката го избрала него, а не тој неа“, изјави дека дури и кога станал професор по словенска филологија се уште „немал поим“ дека еден ден ќе го сметаат за македонист.

– Чиста случајност беше тоа што токму фински научници во Александрија  го најдоа ракописот на Кониковското евангелие и јас добив исклучителна можност да го истражувам заедно со македонски колеги. Но, не само работата врз ова евангелие, туку и теренската работа меѓу Македонци во различни балкански земји е меѓу моите најубави спомени од целата моја кариера како славист. Сето тоа ќе го паметам кога ќе го носам овој медал – рече Линдстет заблагодарувајќи се за високото признание.