Фото: Дарко Андоновски

Владините претставници сѐ почесто најавуваат одложување на даночното оданочување на штедните влогови и на капиталните добивки. Во текот на вчерашниот ден, и министерката за финансии Нина Ангеловска најави одложување на оданочувањето на капиталните добивки на компаниите, како и на штедните влогови во банките што ги имаат граѓаните.

– Ги разгледуваме можностите и ќе бидете навремено информирани за точните одлуки. Меѓутоа, сега можам да ви кажам дека има волја, особено со оглед не само од аспект на поддршка на пазарот на капитал туку и од аспект на поддршка на ефективноста на имплементација на воведувањето. Значи, начинот на кој ќе се пресметува, начинот на кој ќе се оданочува, бидејќи како што имам кажано во неколку наврати, разговараме за воспоставување еден ефикасен и ефективен систем – изјави министерката Ангеловска.

Дека во Владата се размислува да се одложи оданочувањето на капиталните добивки најави и вицепремиерот Кочо Анѓушев.
– Сакаме да го стимулираме пазарот на капитал, сакаме да го стимулираме развојот на берзата. Доколку тоа е една од мерките што треба да се направат за да биде тоа стимулирано, секако ќе разговараме и за таа опција – кажа Анѓушев.
Комисијата за хартии од вредност веќе поднела иницијатива до Владата и Министерството за финансии за измени и дополнувања на Законот за личен доход, каде што бара одложена примена.

Измените на Законот за личен доход беа донесени лани, кога беше воведен и прогресивниот персонален данок. Промените потекнаа од бившиот министер за финансии Драган Тевдовски, кој ги бранеше со тезата дека на таков начин се релоцира богатството и се постигнува поголема еднаквост.

Инаку, Законот предвидува граѓаните да плаќаат данок од 15 отсто за дивидендите, да плаќаат данок за заштедите што ги чуваат во банка, ако каматите годишно надминат 15 илјади денари, за каматите од хартиите од вредност и данок на каматите од заемите.
Минатата година Владата го воведе прогресивното оданочувања, а делот за оданочување на капиталните добивки го одложи за една година, кое требаше да започне од 2020 година.