Министерството за трговија на САД со конечна одлука потврди наметнување антидампинг-царини, кои се движат од 4,83 до 242,8 проценти за увоз на алуминиумски лимови од 18 земји.

Кабинетот на поранешниот претседател Доналд Трамп во март минатата година почна истрага за царините на алуминиумските лимови, а во октомври прелиминарно одлучи да воведе тарифи за увоз од 18 земји. Мерката ги вклучува Хрватска, Словенија, Србија, Германија, Италија, Шпанија, Романија, Грција, Турција, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Индонезија, Египет, Оман, Јужна Африка и Бахреин.

Министерството за трговија со конечна одлука вчера го потврди воведувањето царински давачки. Највисоките тарифи се воведени на Германија, кои се движеа од 49,4 на 242,8 проценти и беа малку намалени во споредба со одлуката во октомври. Германија е на првото место според вредноста на извозот на алуминиум во САД, со 286,6 милиони долари во 2019 година.

Бахреин е на второ место според вредноста на извозот од 241,2 милион американски долари, со антидампинг-давачки од 4,83 проценти и давачки против субвенции од 6,44 проценти.

Најниски царини за увоз ќе плаќа Турција – 2,02 процента.

Даноците се надоврзуваат на тарифите од 10 проценти воведени од кабинетот на Трамп според Законот за националната безбедност, потсетува „Ројтерс“. Конечната одлука за тарифите беше донесена само неколку часа откако Сенатот со големо мнозинство го потврди изборот на Џина Раимондо за нов министер за трговија. За неа гласаа 84 сенатори и сенаторки, а 15 беа против.