Фото: Игор Бансколиев

Укажувањата на експертите се дека со поголема вклученост на женската популација во редовните работни процеси ќе се подобрат и перформансите на севкупната економија

Семејните обврски, традиционалните вредности на општеството, стереотипната перцепција за улогата на жената во семејството, но и сивата економија се дел од причините поради кои поголем број жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во четвртиот квартал од 2020 година, од вкупниот број работоспособни мажи, 37,4 отсто не биле активни на пазарот на трудот, додека од работоспособните жени тој процент достигнува 62,6. Податоците на ДЗС покажуваат дека вкупната стапка на активност во овој период е 55,9 отсто, стапката на вработеност 46,8, додека стапката на невработеност изнесува 16,1 проценти.
Укажувањата на експертите се дека со поголема вклученост на женската популација во редовните работни процеси ќе се подобрат и перформансите на севкупната економија.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска објаснува дека половина од работоспособното население во светот се жени, но само 50 отсто од нив учествуваат во работната сила. Притоа, нагласува дека разликите во пристапот до образованието, здравствената заштита, финансиите и технологијата, законските права и социјалните и културните фактори, се ограничувачки фактор за остварување на целосниот потенцијал на жените.
– Нееднаквите можности за жените доведуваат до помала продуктивност и помал раст на економиите. Се проценува дека економската загуба се движи од 10 отсто од БДП во напредните економии до повеќе од 30 проценти во земјите со низок доход. Ова не треба да нѐ изненади, бидејќи истражувањата укажуваат дека поголемата активна присутност на жените на пазарот на трудот носи економски придобивки.

Зајакнувањето на можностите за жените значи обезбедување еднаков и непречен пристап до образованието и финансиите и ослободување од културните и социјалните бариери – истакна гувернерката и нагласи дека со поддршка и еднаков пристап, жените ќе го зголемат потенцијалот на економиите и благосостојбата во општеството.

Социологот Илија Ацевски укажува дека меѓу причините за слабата вклученост на жените во работните процеси се традиционалната перцепција, со која жените се сметаат за неопходни во одржувањето на домаќинството, но голем удел има и нивната опфатеност во сивата економија.
– Голем дел жени работат нешто, но многу често не се пријавени, а поради тоа ниту бараат работа. Имаат одредени приходи, а дополнително и обврски во домот, па не се во можност да одвојат доволно време во денот за цело работно време и за обврските дома и се одлучуваат на пократки работи, кои се најчесто непријавени. Друг значаен сегмент што ги оневозможува жените да бидат поактивни на пазарот на трудот се и нерешените државни или институционални прашања, како што се градинките и слабата опфатеност на децата во предучилишните установи. Не можејќи да ги запишат децата во градинки, голем дел мајки или жени се принудени да се откажат од работа за да се грижат за детето – објаснува Ацевски.

Тој дополнува дека иако општеството се модернизирало и имаме многу придобивки што ги имаат и современите држави, сепак, и понатаму сме сиромашна држава и сѐ уште се држи до традиционалните убедувања што ги ставаат жените во понеповолна позиција.
– Иако сме модерно општество, каде што навидум жените и мажите се рамноправни, во суштина доминираат сфаќањата дека жената треба да го одржува домот, а мажот да оди на работа. Многу е мала елементарната свест за мажите да прифатат дел од обврските на жените. Во овој поглед ние сме традиционално општество, па голем дел мажи не би прифатиле промена на ова, да кажеме, установено правило, а токму ваквите сфаќања, но и модерните тенденции водат до сѐ поголеми недоразбирања меѓу брачните партнери и до поголем број разводи – истакна Ацевски.

Истражување направено за пазарот на трудот во Македонија и споредба со земјите во регионот покажува дека стапката на активност на жените е слична и во земјите од нашето опкружување. Утврдено е дека во Македонија стапката на активност на цело население е 56 отсто, додека во Албанија истата таа е 58 проценти, во Србија 55, во Црна Гора 55, во Хрватска 52, во Бугарија 56, во Грција 52 отсто.