Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во текот на 2020 година бројот на осигуреници што користат дополнително здравствено осигурување е зголемен за пет пати и достигнал 114.559 лица

Во текот на минатата 2020 година е забележан значителен раст кај доброволното здравствено осигурување, па бројот на осигуреници се зголемил дури за пет пати. Ваквите податоци го наметнуваат прашањето дали пандемијата ги натера граѓаните масовно да се осигуруваат? Упатените истакнуваат дека доколку граѓаните сакаат осигурување за евентуално лекување од ковид-19, треба да се осигурат дека нивната полиса ги покрива и овие трошоци.
– Во сегментот на здравствено осигурување што не е покриено со задолжително здравствено осигурување, минатата година е евидентен многу силен раст на продажба на полиси, особено кај осигурителните компании за неживотно осигурување. Имено, во текот на 2020 година бројот на осигуреници што користат дополнително здравствено осигурување е зголемен за пет пати и достигнал 114.559 лица, наспроти 21.398 осигуреници на почетокот на годината. Бруто-полисираната премија лани за овој тип осигурување изнесува 273,6 милиони денари и бележи раст од 44,8 отсто во споредба со бруто-полисираната премија во 2019 година кога изнесувала 188,9 милиони денари. Влијание врз растот на пазарниот сегмент, меѓу другото, произлегува и од зголемувањето на свесноста на граѓаните за значењето на дополнителното здравствено осигурување во услови на здравствената пандемија предизвикана од ковид-19 – објаснуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Укажуваат дека друштвата за неживотно осигурување најчесто го нудат овој осигурителен продукт со период на покритие од една година, а лани го продавале 10 компании. Дополнуваат дека и кај друштвата за животно осигурување лани има благ раст на бројот на склучени договори, бројот на осигуреници и износот на бруто-полисирана премија за осигуреници со дополнително здравствено осигурување со континуитет од пет години.
– Во 2020 година 7.303 лица имале покритие на здравствено осигурување дополнително на основното покритие на полисата за осигурување на животот, а бруто-полисираната премија изнесува 14,9 милиони денари. Овој тип осигурување го нудат сите пет компании за животно осигурување присутни на осигурителниот пазар – дополнуваат од агенцијата.
Од АСО советуваат при изборот на друштво за неживотно осигурување, како и при изборот на друштво за осигурување на животот, во кое ќе го осигурат здравјето, граѓаните да внимаваат на исклучоците, односно кои ризици не се покриени со осигурувањето и добро да се информираат, меѓу другото, поради актуелниот момент дали се покриваат ризици предизвикани од пандемии или епидемии.
– Пред склучување на договорот, пожелно е осигуреникот да побара повеќе информации до кој износ ќе има покритие за ризикот, како и во кои установи и каков болнички третман би добил за премијата што ќе треба да ја плати. Здравствено осигурување што не е покриено со задолжителното здравствено осигурување во РС Македонија можат да нудат осигурителни компании што имаат дозвола да вршат работи на неживотно осигурување во класата на осигурување наведена во членот 5 точка 2 од Законот за супервизија на осигурување, но и друштва за осигурување што вршат работи на осигурување на животот – истакнуваат од агенцијата.
Претставниците на осигурителните компании посочуваат оти во доброволното здравствено осигурување гледаат голем потенцијал на пазарот.

– „Триглав осигурување“ нуди доброволно приватно здравствено осигурување од 2015 година. Овој сегмент е од стратегиско значење за нас, па во неговиот развој континуирано инвестираме. Воведуваме новини и надградувања на производите што ги нудиме, меѓу кои специјалистичкото вонболничко и болничко лекување, осигурувањето на операции, осигурување на малигни болести, а од неодамна на пазарот го воведовме и СОС-пакетот, кој нуди покритие за операции и за тешки болести. Овие производи нудат квалитетна и комплексна здравствена заштита и се приспособени на можностите и на потребите на пазарот – посочуваат од „Триглав осигурување“.
Истакнуваат дека тој тип осигурување има раст и кај граѓаните, но и кај компаниите, и дополнуваат дека компаниите го препознаваат потенцијалот како алатка за зачувување на задоволството и лојалноста на вработените.
– Веруваме дека интересот за овој вид осигурување и натаму ќе расте.

Ситуации како оваа, предизвикана од коронавирусот, нѐ мотивираат да размислиме за најважните аспекти во нашите животи, особено за сопствената и за сигурноста на нашите семејства. Не можеме ни да замислиме какви сѐ ризици нѐ демнат и што сѐ може да се случи. Фактот дека осигурувањето е инвестиција, а не трошок никогаш не бил повеќе издржан, особено затоа што здравственото осигурување е поддршка и финансиска заштита во најкритичните моменти. Дополнително, убедени сме дека позитивен ефект ќе имаат и даночните олеснувања што почнаа да важат од почетокот на годинава и кои веруваме ќе придонесат за зголемување на интересот за овој вид осигурување во корпоративниот сегмент – истакнуваат од „Триглав осигурување“.