Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Потенцијали може да се увидат во реориентација и адаптација на производството, како и во освојување нови пазари и релокација на операции надвор од далечните пазари

Нарушувањата во надворешната трговија предизвикани од ковид-кризата го влошуваат инвестицискиот сентимент на компаниите. Пандемијата ги запре глобалните инвестиции и ја влоши глобалната потрошувачка. По почетокот на кризата, во Македонија намалувањето на извозот и потрошувачката го зголеми ризикот за одлив и затворање на дел од операциите на мултинационалните компании и тие се соочуваат со ограничувања во однос на пристапот до финансии, синџирите на набавки, човечкиот капитал, побарувачката и конкурентноста. Прашањето е дали кризата отвора можности за реориентација и адаптација на производствените капацитети на „новото нормално“ опкружување, на освојување нови пазари и релоцирање капацитети од далечните пазари доколку присуството на тие пазари е неодржливо.
Од институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“ нагласуваат дека на среден и долг рок се очекува странските директни инвестиции географски да ги репозиционираат своите операции за да ги намалат трошоците и да ги диверзифицираат шоковите специфични за одреден регион.
– Кризата може да отвори можности за извозниците и мултинационалните компании во земјите во развој како што е нашата држава. Потенцијали може да се увидат во реориентација и адаптација на производството, како и во освојување нови пазари и релокација на операции надвор од далечните пазари (на пример, тие во Азија), доколку присуството на тие пазари е скапо. Затоа, пандемијата на ковид-19 може да креира можности за сегашните извозници, вклучувајќи ги и мултинационалните компании во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во Македонија, нагласувајќи ја нивната важност во водењето на економското закрепнување по кризата – појаснуваат од „Фајненс тинк“.

Оттаму додаваат дека пандемијата предизвика сериозни нарушувања на синџирите на набавки што би можеле да активираат ревизија во географското позиционирање на капацитетите на мултинационалните компании.
– Од спроведеното истражување дали странските извозници во текот на кризата имаат релокација или интеграција на производствени капацитети и дали имаат можност да привлечат производствени линии во Македонија, најголем процент, 83 отсто од странските извозници ја задржуваат својата географска дистрибуција, додека остатокот има географско репозиционирање или интеграција на своите капацитети. Од вторите, 94 отсто имаат можност да воведат производствени линии во Македонија. Додека само мал процент од мултинационалните компании ги преиспитуваат локациите на своите капацитети, речиси сите имаат можност да ги прошират своите капацитети привлекувајќи линии од матичните компании – велат од „Фајненс тинк“.
Нарушувањата на увозот во текот на пандемијата, истакнуваат оттаму, креираат можности за домашните доставувачи да се поврзат со извозниците што увезуваат, и двете страни да имаат корист во однос на намалување на трошоците и помала зависност од надвор.
– Само 7 отсто од извозниците што имаат нарушен увоз во текот на ковид-19 би го замениле увозот со домашни набавки, додека 19 отсто би го замениле со увоз од трети земји и 24 отсто не би можеле да го заменат. Дополнително, 62 отсто од извозниците пријавиле дека некои од нивните клучни инпути имаат супститути на домашниот пазар – истакнуваат од институтот.
Оттаму велат дека причините за оние извозници што не би го замениле увозот со домашни набавки и за ниското ниво на соработка со домашните доставувачи се високите цени и нискиот квалитет на суровините и материјалите, ограничениот капацитет за производство на машини и опрема и ограничената понуда на услуги.

– Очигледно еден дел извозници размислуваат за поврзување со домашните доставувачи тогаш кога доставувачите ќе понудат поконкурентни цени и ќе ги зголемат своите капацитети во поглед на количеството, квалитетот и диверзитетот на своите производи. Најголемиот дел извозници, 46,4 отсто, имаат капацитет и можност да го реадаптираат производството, додека дополнителни 19,7 отсто имаат можност, но се соочуваат со ограничувања, од кои ограничувањата во човечките ресурси доминираат – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Според нив, генерално, извозниците покажуваат голем потенцијал за инвестиции во технологија.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека има податоци што укажуваат дека „новото нормално“ ги поттикна компаниите да извршат промени во своето работење што дале успех, а за кои претходно не размислувале.

– Некои од компаниите веќе ги користат подобностите од економските мерки креирани од државата. Компаниите користејќи ги сите достапни ресурси се насочија кон дигитализација на бизнисите, што може да ги води не само кон ликвидност туку и кон освојување нови пазари. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да инвестираат во трајни дигитални решенија, со што се модернизираат процесите, а се заштитуваат работниците. Основата во која мора да се задржат компаниите е инвестирање во пакувањето, брендирањето, осигурувањето на квалитетот и менаџирањето на ризикот и безбедноста – објаснува Бошков.
Тој додава дека треба да се инвестира во истражување нови пазари одделно поради различните навики на потрошувачите.