Структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование (и тоа од општествените науки) и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование

Човечките ресурси ни се премногу квалификувани и некомпатибилни за нашето стопанство?!

Во Македонија има многу мал интерес за упис во средните стручни училишта и тоа резултира со недостиг од кадар. Дефицитот од стручни занимања и неусогласеноста на потребните вештини со образовниот систем се проблем што го има државава со години. Бизнис-секторот долго време предупредува дека сѐ потешко доаѓа до квалификуван кадар, дека пазарот на трудот не е приспособен на неговите потреби.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека состојбата со расчекорот на потребите на пазарот на трудот и понудата на нови кадри се влошува од година на година.
– Сите досегашни влади немаа политичка храброст да го решат овој проблем. Наместо учениците уште од основното училиште да се насочуваа преку кариерата и нејзините афинитети, знаење, тие по правило избираа гимназии и сите се запишуваа на факултет. За жал, и уписите на факултет се правеа без некакви приемни тестирања да се провери нивното ниво на знаење, па, така, добивавме дипломи со ниско ниво на знаење и за занимања што не му се потребни на стопанството – потенцира Димитров.
Според него, компаниите може и треба да се вклучат во образовниот процес преку системот на дуално образование, но во овој момент учениците не покажуваат интерес за средно стручно образование.

– За да се направи кариерно насочување и да се определи кои ученици треба да запишат средно стручно училиште, а кои гимназија и факултет, потребно е политички консензус помеѓу политичките партии, бидејќи ова прашање може да се искористи во политичката борба помеѓу партиите. Стравот од губење гласови доведе до тоа учениците многу често да бегаат од часови, да не се залагаат и да немаат интерес за повеќе знаење, туку сакаат само да земат некаква диплома од кое било училиште или факултет. Во минатото, без потребното знаење не можеше да се добие преодна оценка во средно училиште или на факултет. Денес професорите се жалат дека доаѓаат ученици со петки, а немаат никаква основа да ги следат предавањата на факултет – објаснува Димитров.
Тој додава дека најголем недостиг имаат компаниите од преработувачката индустрија, кои имаат отворени огласи за вработување на кои не се јавуваат работници.
– Структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование, и тоа од општествените науки, и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование – истакнува Димитров.
Како што вели економскиот аналитичар Здравко Савески, недостигот од стручен кадар веќе има негативно влијание врз состојбата на економијата, а со зголемениот одлив во странство што може да се очекува во иднина, тоа ќе биде уште посериозен проблем.
– Државата може да го адресира тој проблем преку обезбедување стипендии за учениците. Исто така, компаниите треба да се вклучат и со обезбедување стипендии и со нудење работни места по завршувањето на образованието.

Но сѐ додека плаќањето на трудот е ниско во одредени производствени гранки, се разбира дека учениците ќе се запишуваат на струки што повеќе ги интересираат или им даваат шанса за посоодветно плаќање на нивниот труд во иднина. Едноставно, не можете да ги добиете и двете работи: ниско да го плаќате трудот и да имате голем интерес за таа струка – смета Савески.
Стопанската комора на Македонија споменува дека бизнис-заедницата треба активно да се вклучи во креирањето кадар со соодветни вештини и компетенции, во согласност со потребите на пазарот на трудот, преку процесот на дуално образование.
– Потребен е максимален ангажман за дизајнирање пазарно-оперативни програми според потребите на компаниите, да постои комбинација на теоретска настава во училиште и практична во компаниите. Стручен кадар е потребен во сите сектори на квалификации, но најмногу во секторот машинство – појаснуваат од СКМ.

Оттаму велат дека и заминување на работоспособното население во странство е големо нарушување во државата, а тоа значи неповратно губење на кадарот во кој со години се вложувало.
– Во поново време, проблемот што се јавува во земјава со недостиг од работници е и преземањето на кадарот на компаниите помеѓу себе, што може да претставува сериозен проблем помеѓу компаниите и намалување на продуктивноста на една компанија за сметка на друга компанија – посочуваат од Комората.