Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, учествуваше на настан со кој свечено беше одбележан почетокот на жетвата на „ЗК Пелагонија“ АД Битола. Настанот беше организиран во едно од житните полиња на оваа компанија, која е една од водечките во рамките на агробизнисот.

„Нема поголема радост за земјоделецот од онаа кога ги жнее плодовите од својот труд. А особено кога годината е родна и жетвата е богата, па е најдобра награда за вложениот труд“, рече министерот и додаде дека, според податоците од подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, обработливата површина под пченица во 2021 година изнесува околу 79.000 хектари, што е зголемување од 7 % во однос на 2020 година.

Оваа година се очекува просечен принос од 3.200 до 3.500 килограми од хектар или вкупно околу 260.000 тони пченица.

Министерството за земјоделсво, шумарство и водостопанство го поддржува производството на пченица, која е стратешки производ за нашата држава, преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, и тоа со 12.000 денари од хектар за засеана пченица со сертифициран семенски материјал. Пченицата, како и другите житни култури, се поекономични и рентабилни доколку се произведуваат на поголеми површини. За таа цел, Владата и Министерството имаат предвидено поголема финансиска поддршка за засеана пченица со сертифициран семенски материјал за површини од 5 до 50 хектари, и тоа со поддршка од 14.400 денари од хектар, информира Министерството.