Од денеска на веб-страницата на Министерството за земјоделство и шумарство и водостопанство, јавно е достапна нацрт верзијата на Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година. Како што наведува МЗШВ, ова е главниот долгорочен стратешки документ на кој се базира поставувањето и спроведувањето на целите, политиките и мерките за развој на земјоделството и руралните средини.

„Согласно член 6 од Законот за земјоделство и рурален развој, националната стратегија се донесува заради долгорочно планирање на националната земјоделска политика во насока на остварувањето на законски дефинираните секторски развојни цели.

Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година го одразува континуитетот на државата за земјоделството поради неговото мултидимензионално значење и особено заради обезбедување на одржливост на руралните средини. Како потврда е позитивниот нагорен тренд на издвојувања во земјоделството и руралниот развој кој продолжува и во периодот после 2020 година и покрај негативното влијание предизвикано од глобалната ковид-19 пандемиска криза.

Стратегијата е трет по ред документ од овој тип кој на организиран и системски пристап ги дефинира политиките кои ќе се спроведуваат во претстојниот седумгодишен период, нудејќи одговори во справувањето со тековните и идни предизвици во производството на храната и управувањето со природните ресурси поврзани со земјоделството, како и генерално за животот во руралните средини.

Подготовката на стратегијата се базираше на широк институционален, аналитички и партиципативен процес. Со цел идентификување и проценка на приоритетните потреби за промени и подобрување на состојбата во секторот беше превземена сеопфатна аналитичка работа на ефектите и искуствата од спроведување на претходната национална стратегија, анализа на развојните трендови за период 2014-2020 година и моменталната состојба и СВОТ-анализа, соопшти МЗШВ.

Врз основа на наодите, биле дефинирани три стратешки и девет специфични цели – Подобрувањето на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, примената на еколошките практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување на одржлив развој на руралните средини се генералните цели кон кои ќе се стреми секторот потпомогнат од страна на државата.

– Според член 3 од Законот за земјоделство и рурален развој, целите ќе бидат постигнати преку мерките и инструментите на националната земјоделска политика за директни плаќања, уредување и поддршка на пазарите на земјоделски производи и рурален развој. Дополнително, целите ќе се реализираат и преку политиките за одржливо управување со природните ресурси, за безбедност на храната, како и политиките за унапредување на знаењето и иновациите во земјоделството – се додава во извештајот.

Во целиот процес на подготовка, министерството извршило голем број на консултации со учесниците во секторот пред се организирани во рамките на постојаните подсекторски групи и други формални тела, со надлежни органи на државна управа, меѓународни институции и останати релевантни чинители.