Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај добрата идеја за постоењето на компаниите во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), сѐ уште не може да се каже дека тие се двигателот за излез од кризата, особено во ситуацијата кога голем број од нив очекуваат помош од државата и продолжување на мерките за излез од здравствено-економската криза, објаснуваат упатените

Компаниите од технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), според некои истражувања, се меѓу најголемите вработувачи во земјава, но и нивниот извоз, како што велат нивните пресметки, е 45 отсто од вкупниот извоз на земјава што го наметнува прашањето колку овие, на разни начини од државата субвенционирани компании, можат да овозможат натамошен економски раст, да ја извлечат земјава од криза и да ја намалат сиромаштијата.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија (БКМ), вели дека улогата на компаниите од технолошките-индустриски развојни зони (ТИРЗ) е повеќенаменска, како пренос на знаење, намалување на невработеноста, намалување на сиромаштијата, зголемување на вештините кај дел од работоспособните, зголемување на обемот на извоз итн., но и дека тука има едно големо „сепак“.

– Тие компании, и покрај добрата идеја за нивното постоење и поттикнување да работат во Македонија, сѐ уште не може да се каже дека се двигателот за излез од кризата. Особено во моменти кога голем број од компаниите и вработените очекуваат помош од државата и продолжување на мерките за излез од кризата. Ние во БКМ очекуваме државата добро да размисли како понатаму со државната помош да се дојде до намалување на ефектите од кризата, но и како понатаму со државните субвенции во одредени гранки од индустријата и земјоделството – истакна Бошков.

Тој додава дека излезот од кризата го гледа во отворање и искористување на капацитетите и потенцијалите во земјата, и тоа на среден рок со добро и транспарентно осмислени процеси.

Инаку, анализата на институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“, која се однесува на компаниите со странски капитал отворени во технолошко-индустриските развојни зони, покажува дека тие во земјава имаат најмногу вработувања во периодот од 2008 до 2020 година.
– Придонесот на странските инвестиции во економскиот развој на земјата е значаен. Резултатите од студијата ни покажаа дека овие компании беа можеби и најсилно погодени од кризата со ковид-19, од аспект на приходи, но истовремено и нивниот потенцијал за раст на приходите и инвестициите е најголем во периодот по ковид. Освен придобивките во зголемени приходи и инвестиции, кај овие компании постои и голем потенцијал за вклучување во дуалното образование, што е значаен сегмент за јакнење на човечкиот капитал – појаснува Благица Петрески, директорка на „Фајненс тинк“.

Според Петрески, потенцијалот за привлекување производствени линии од матичните компании што имаат дислокација на трети локации е поограничен.
– Сепак, во следниот период се потребни конкретни мерки, кои ќе ја зголемат атрактивноста на земјата за привлекување странски инвестиции и линии од матичните компании на веќе постојните СДИ во земјата. За разлика од пред десетина години, кога стратегијата беше да се намали невработеноста, сега веќе мора да се подготви нова стратегија, каде што во фокус ќе биде привлекување компании со повисока додадена вредност – вели Петрески.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, неодамна истакна дека економијата во рамките на ТИРЗ-овите придонесува околу 45 отсто од вкупниот извоз на државата и, според тоа, нашата земја е засегната од глобалните движења и од глобалните трендови особено во некои индустрии.

– Овие проценти кажуваат дека во рамките на индустриските зони имаме сериозна економска активност. Постојано имаме раст на тоа учество, во 2018 година извозот од зоните учествувал со 42 проценти во вкупниот извоз на државата. Оваа година очекуваме таа бројка да достигне до 45 проценти – вели Деспотовски.