Цената на електричната енергија од 1 јануари нема да се зголеми колку што тврдат дел од медиумите, со што и натаму ќе биде најниска во регионот, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“.

– Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или, пак, поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Ние како што докажавме на 1 јули, така и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде најниска во целиот регион. Ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба – изјави Битиќи.

Тој посочи дека Владата се обидува да наоѓа системски решенија за електричната енергија. Дел од медиумите вчера објавија дека цената на електричната енергија би можела да се зголеми за 38 отсто од 1 јануари.