Фото: Игор Бансколиев

Македонска берза со вкупен промет од речиси 600 милиони денари во јануари

Вкупниот промет на Македонска берза во јануари оваа година изнесувал 581.920.924 денари, објави берзата.
Според достапните податоци, класичното тргување изнесувало 498.623.924 денари и е зголемено во однос на декември за 4,75 отсто, кога изнесувало 476.014.452 денари.
Во класичното тргување се истргувани акции во вредност од 489.864.160 денари, како и обврзници во вредност од 8.759.764 денари.
Вредноста на блок-трансакциите за јануари изнесувала 83.297.000 денари и е намалена за 69,42 отсто во однос на декември.
Бројот на трансакции во јануари изнесувал 1.812 и е зголемен за 2,49 отсто во однос на декември, кога изнесувал 1.768.
Најтргувани акции на официјалниот пазар минатиот месец се на Комерцијална банка АД Скопје, потоа на НЛБ банка АД Скопје, додека третото место, според тргувањето со акции, го зазеде „Алкалоид“ АД Скопје.

Швајцарските часовници повеќе не се број еден во светот

Познатите швајцарски часовници ја загубија глобалната војна. Имено, „Епл воч“ во 2019 година, според продажбата, ја надминал целокупната швајцарска индустрија за часовници.
Фирмата за истражување на пазарот „Стратеџи аналитикс“ проценува дека „Епл“ лани испорачал 30,7 милиони парчиња од својот паметен часовник низ светот, во споредба со 21,1 милион колку што заедно продале сите швајцарски марки.
– Аналогните рачни часовници и натаму се популарни меѓу постарите потрошувачи, но младите купувачи се насочуваат кон паметните часовници – се наведува во извештајот.