Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до надлежните институции при носењето евентуална одлука за затворање на текстилните компании во Штип, на работниците да им бидат платени деновите кога нема да одат на работа. Овој апел дојде откога кај голем број работници во текстилната индустрија од овој регион беше утврдено дека се позитивни на коронавирусот.
Од синдикатите посочуваат дека работодавците треба да ги преземат сите мерки за заштита на здравјето на работниците, како на работните места така и при организирањето на превозот на работниците од и до работните места, а од инспекциските служби се бара поажурно и навремено да ги преземаат сите законски мерки за спречување на ваквите појави.
– Потсетуваме дека правото на соодветна заработувачка определено во одредбата од членот 32 став 3 од Уставот на Македонија е економско право на работниците и никој не може истото тоа да им го скрати спротивно на законот и на колективниот договор. Во согласност со Законот за работни односи, работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавецот.
Исто така, законот предвидел дека работодавецот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови, колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога поради оправдани причини не работи – наведува ССМ во соопштението.
Синдикатот ги охрабрува работниците синдикално да се организираат и да пријавуваат секакво кршење на работничките права, за да може да се спречат негативните појави во иднина.