Фото: Официјален фејсбук профил на Седат Сулејмани

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, уште од утре ќе ги повика на средба претставниците на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и на СОНК, во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат Колективниот договор за култура во целина и членот 78-љ од Законот за културата.

Целта е во наредниот период да се интензивира социјалниот дијалог и заеднички да се работи на изнаоѓање прифатливо и одржливо решение за регулирање на статусот и правата на културните работници и уметниците, соопшти Министерството за култура и туризам.

Министерот Сулејмани, како што наведуваат од Министерството, смета дека трудот, професионалниот ангажман и придонесот на вработените во културата мора да бидат соодветно вреднувани и дека во процесот што следува треба да се изнајде решение со кое нивните права и интереси ќе бидат заштитени.

– Во таа насока, Министерството за култура и туризам ќе продолжи со засилен интензитет да го води социјалниот дијалог со синдикатите, при што ќе бидат разгледани сите законски можности за утврдување на најсоодветниот модел и склучување нов Колективен договор за културата, во рокот определен со одлуката на Уставниот суд. Заложбата на Министерството за култура и туризам е преку отворен дијалог, партнерски однос и конструктивна соработка да се дојде до заеднички прифатливо решение што ќе обезбеди правна сигурност, заштита на правата и соодветно вреднување на трудот на сите културни работници и уметници – се наведува во соопштението објавено на Фејсбук.

Уставниот суд во петокот утврди неуставност и донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за културата и на Колективниот договор во целина. Одлуката ќе стапи во сила на 1 април 2027 година, до кога партнерите во социјалниот дијалог ќе треба да подготват нов, законски издржан колективен договор за вработените во културата.

Ставот на уставните судии е дека во Колективниот договор и во Законот за културата не постои методологија за пресметка на платите и дека таа мора да биде утврдена како основа во самиот закон, за потоа да биде детално разработена во колективен договор.

Во претстојниот период од пет месеци, социјалните партнери треба да го продолжат дијалогот за склучување нов колективен договор, а Собранието да ги донесе соодветните измени и дополнувања на Законот за културата, пренесува МИА.