ОД СКОПЈЕ ИСПРАТЕНА КЛУЧНА ПОРАКА ЗА ПОДЛАБОКА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

  • Меѓународната конференција „Надминување на геополитичките раседни линии: редефинирање на поврзаноста меѓу Кина и Европа“ во Скопје ги истакна перспективите за продлабочување на соработката меѓу Кина и Европа, со посебен акцент на стратешката улога на Западен Балкан. Притоа беше порачано дека поврзувањето и регионалната интеграција се клучни за создавање нови развојни можности, како и дека Македонија, благодарение на својата географска положба, има потенцијал да прерасне во значајна алка во европско-азиските транспортни и економски коридори

Перспективите за соработка и за економско, инфраструктурно и технолошко поврзување меѓу Кина и Европа преку Балканот беа во фокусот на меѓународната конференција „Надминување на геополитичките раседни линии: редефинирање на поврзаноста меѓу Кина и Европа“ одржана во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје во средата. Конференцијата, во организација на Институтот за глобални анализи „Синергија Орби“, обедини истакнати меѓународни експерти, научници, академски личности, дипломати и претставници на институции од Скопје, Пекинг, Белград, Белград и од Виена, со цел да се прикажат различни перспективи и да се развие дискусија за актуелни теми што ги опфатија и современите геополитички предизвици изразени преку тековните односи меѓу светските сили и промените во меѓународниот поредок. Настанот беше отворен со воведни обраќања на амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, и на претседателката на „Синергија Орби“, професорката Билјана Ванковска.


Амбасадорката Џианг Сиаојан: Македонија треба уште подобро да ја искористи својата положба

Македонија треба уште подобро да ја искористи својата положба за да се поврзе со пошироките европски транспортни правци, истакна амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, во воведното обраќање на конференцијата. Таа ја нагласи стратешката позиција на Балканот како крстопат меѓу Европа и Азија, напоменувајќи дека регионот добива на значење како транспортен и економски јазол преку поврзувањето на копнено-поморската експресна линија Кина–Европа со паневропските коридори.
– С. Македонија треба уште подобро да ја искористи својата положба на сообраќаен јазол, да ја забрза работата на средишната алка, да се заложи за продолжување на железничката врска Унгарија–Србија кон југ и да ја доврши последната милја до пристаништето Пиреја. Подготвени сме да соработуваме со европските земји, вклучително и со Македонија, за подобро усогласување на нашите развојни стратегии и за заедничка изградба на отворена, разновидна, зелена и интелигентна мрежа на поврзаност меѓу Азија и Европа – истакна амбасадорката Џианг Сиаојан, додавајќи дека идната соработка треба да ги опфати и зелената транзиција, обновливите извори на енергија, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во транспортот, логистиката и во царинските постапки.
Иницијативата „Појас и пат“, според амбасадорката, досега мобилизирала речиси еден билион долари инвестиции и создала околу 400 илјади работни места, при што меѓу поистакнатите инфраструктурни проекти во регионот се вбројуваат автопатишта во Македонија, Црна Гора и во Србија, како и железничката експресна линија Кина–Европа, која досега реализирала повеќе од 140.000 патувања, поврзувајќи 237 града во 26 европски држави.
Таа напомена и дека продлабочувањето на поврзаноста меѓу Кина и Европа е неопходност, бидејќи, како што посочи, Кина и ЕУ се значајни трговски партнери, чии индустриски и синџири на снабдување се тесно поврзани, а заедно создаваат повеќе од една третина од светското економско производство.
– Кина е значаен трговски партнер на повеќе од 150 земји и региони, најголемата трговска сила во светот во размената на стоки и вториот најголем увозен пазар. Таа придонесува со повеќе од една петтина во глобалниот раст на увозот и обезбедува клучна поддршка за стабилноста на индустриските синџири и синџирите на снабдување – наведе амбасадорката Џианг Сиаојан.


Професор Жоу Бо: Кина претпочита изградба на меѓународен систем заснован врз соработка и заемна корист

Поранешниот висок функционер во кинеското Министерство за одбрана и експерт за меѓународна безбедност професорот, Жоу Бо, од Универзитетот „Цингхуа“, изложи интересни размислувања во разговор со професорката Ванковска на темата „Може ли посилна Кина да направи побезбеден свет? Истакнатиот гостин од Кина оцени дека азиската држава претпочита изградба на меѓународен систем заснован врз соработка и заемна корист.
– Какво мислење има светот за Кина? За другите таа претставува суперсила, додека Кина се опишува себеси како земја во развој од глобалниот југ. Политиката на Кина кон ЕУ е постојана, не се менува и верувам дека Европа ќе ги подобри односите со Кина. Со САД имаме соработка, но и конкурентност. А Кина сама по себе не одлучува за природата на нашиот однос. Тој, всушност, е комбинација од соработка и конкурентност, но преовладува конкурентноста. Заедничко ни е што не сакаме односите да прераснат во конфронтација. Кина е заштитник на меѓународниот поредок и силна Кина би го направила светот побезбеден – истакна меѓу другото професорот Жоу Бо.
Тој се осврна и на економското поврзување на Кина со остатокот од светот.
– Кинеската економска моќ се разви во последните неколку децении, а денес Кина е поповрзана со светот. Таа може да понуди ослободување од сиромаштија, додека индустријализацијата е најдобрата лекција што доаѓа од Кина, која исто така е поотворена да му ја даде на светот новата технологија што ја поседува, како што е случај со вештачката интелигенција – нагласи професорот Жоу Бо.


Д-р Џу Веивеи: Потребна е регионална интеграција на балканските држави

Во рамките на конференцијата имаше две панел-дискусии, насловени: „Надвор од патиштата и шините – На мултидимензионалната матрица на поврзувањето Кина-ЦЕЕ“ и „Мали држави, големи коридори – За Западен Балкан и иднината на поврзувањето Кина-ЦЕЕ“.
Директорот на Одделот за Централна и Источна Европа при Кинеската академија за општествени науки (ЦАСС), д-р Џу Веивеи, познат по истражувањата за односите меѓу Кина, ЕУ и земјите од Балканот, изнесе впечатливо размислување за предизвиците за подлабоко поврзување на земјите од Балканот.
– Кој е најголем проблем во овој регион? Тоа не е отсуството на патишта и инфраструктура, туку фрагментираноста меѓу државите, бидејќи секоја земја има свој систем, прописи, односно царински системи. Физичката дистанца меѓу државите е скромна, но институционалната е голема. Економиите се мали и потребна е регионална интеграција со приватен капитал, интеграција меѓу институциите, при изборот на партнери и преку дипломатски можности – објасни д-р Џу Веивеи.
Од истакнатото на конференцијата може да се заклучи дека за успешна регионална интеграција, неопходни се институционална соработка и заеднички развојни стратегии, односно дека поврзаноста, партнерството и заемната корист се важни предуслови за идниот економски развој и за стабилноста на регионот.