Фото: Принтскрин

Што значи нарушувањето на класифицираната мрежа на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД

Американската Агенција за национална безбедност (НСА) доживеа „привремено нарушување на функционирањето“ на своите системи, што е последен во низата технолошки прекини во изминатата недела, кои ги погодија приватните компании, авиокомпаниите, а сега и делови од федералната влада на САД. Во соопштението, агенцијата наведе дека прекинот се случил за време на „редовно планирано одржување“, но инсистираше дека нејзините „оперативни капацитети од критично значење за мисијата“ продолжиле да функционираат.
– Нашата способност да ја штитиме националната безбедност продолжува да биде непречена. Инфраструктурата на НСА е дизајнирана со повеќе слоеви на резервни системи за да се обезбеди непрекинато функционирање за време на планирано одржување или неочекувани настани – изјави портпарол на агенцијата во соопштение доставено до медиумите.
Иако НСА не прецизираше која мрежа била погодена, „Њујорк тајмс“ и „Си-ен-ен“ објавија дека станува збор за „НСАНет“, мрежата што агенцијата ја користи за испраќање и за примање класифицирани информации, вклучително и строго доверливи материјали. Двата медиума се повикаа на извори запознаени со случајот. Тие исто така објавија дека на вработените во седиштето на агенцијата во Форт Мид, Мериленд, им било наложено да пристигнуваат на работа во различно време, додека надлежните ја проценувале ситуацијата.
Директорот на Националното разузнавање, Џеј Клејтон, го припиша прекинот на унапредување на софтверот по откривањето ранливости во PHP – програмски јазик што го користат веб-серверите за генерирање интернет-страници. Истовремено, тој инсистираше дека нема знаци на кибернапад или вмешаност на некоја странска држава. Клејтон објасни дека прекини може да се појават кога системите привремено се исклучуваат за да се отстранат безбедносни ранливости или да се извршат надградби.
Прекинот во НСА се случи во време на серија технолошки нарушувања низ САД, кои почнаа кога „Мајкрософт“ пријави глобален прекин што погоди неколку негови услуги. Следниот ден, Федералната администрација за воздухопловство нареди привремено запирање на сите летови на национално ниво. Нарушувањата продолжија во наредните денови кога „Јунајтед ерлајнс“ се соочи со технички проблем, додека американските банки пријавија прекини во работењето. „Епл“ потоа соопшти дека работи на обновување на услугите, откако внатрешно ажурирање предизвикало уште еден прекин.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој истовремено ја извршува и функцијата советник за национална безбедност, призна дека инцидентите се „вознемирувачки“, но нагласи дека тие не се меѓусебно поврзани, наведувајќи дека нема „никакви докази“ за вмешаност на „злонамерни актери“.
– Немаме никакви индикации, докази или причини да веруваме дека некој од овие инциденти е поврзан со другите. Не сме изложени на систематски напад – им изјави тој на новинарите.
И покрај уверувањата на администрацијата, дел од законодавците изразија загриженост поради времето и обемот на прекините.
– Ако сето ова е само случајност, тогаш станува збор за најголемата случајност во историјата на светот – им изјави на новинарите републиканскиот сенатор Џош Хоули од Мисури.
Инцидентот отвори и пошироки прашања за можните последици по националната безбедност од прекин на работата на една од најважните разузнавачки агенции во земјата.

Што е НСА и зошто е толку важна?

НСА е основана во 1952 година и е одговорна за собирање разузнавачки информации од странски комуникации и електронски сигнали (СИГИНТ), како и за заштита на чувствителните комуникации и системи поврзани со националната безбедност. Агенцијата, исто така, обезбедува разузнавачка и оперативна поддршка за Министерството за одбрана.
– Една од нејзините главни цели е да им овозможи на владините лидери да дознаат што мислат другите земји и луѓе. Тие пресретнуваат комуникации и откриваат што се случува низ светот, со цел да им обезбедат предупредувања или информации на американските носители на политички одлуки – изјави Ричард Форно, заменик-директор на Институтот за кибербезбедност при Универзитетот во Мериленд, округот Балтимор (УМБЦ).
Информациите што ги собира НСА имаат клучна улога во информирањето на претседателот и другите високи функционери во извршната власт, вклучително и Советот за национална безбедност, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и Стејт департментот. Агенцијата може да ги собира овие разузнавачки информации директно или преку соработка со трети страни, вклучително и разузнавачките служби на партнерските земји.
Професорот по компјутерски науки на Универзитетот Браун, Тимоти Едгар, објаснува дека целите од интерес за НСА може да вклучуваат „странски влади, странски терористички организации, но и други значајни странски субјекти што би можеле да бидат од разузнавачки интерес за САД“.
Експерти изјавија за „Тајм“ дека ваквите разузнавачки информации би биле особено важни пред големи дипломатски настани, меѓу кои и самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, каде што претседателот Трамп се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.
Агенцијата има и клучна улога во поддршката на американските воени операции во странство, вклучително и за време на тековната војна со Иран, преку обезбедување разузнавачки информации што можат да влијаат врз воените одлуки и операции. Покрај одговорностите поврзани со собирањето разузнавачки информации, НСА има и централна улога во областа на кибербезбедноста, работејќи на заштита на американските воени системи и системите за национална безбедност од киберзакани.
– Таа стана исклучително важна агенција за кибербезбедност, бидејќи нејзината задача е и да ги обезбедува американските воени системи и системите за национална безбедност. Тоа ги вклучува сите американски воени системи, системите на Стејт департментот и класифицираните системи – објаснува Едгар.

Што може да значи прекинот во НСА за националната безбедност?

Иако НСА инсистира дека нејзините оперативни капацитети од критично значење продолжиле да функционираат, експертите за „Тајм“ велат дека дури и привремен прекин на внатрешната комуникациска мрежа може да има последици по националната безбедност.
Едгар, кој претходно работел во разузнавачката заедница, во Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, од 2006 до 2013 година, го опишува прекинот што ја погодил внатрешната комуникациска мрежа на НСА како „многу загрижувачки“.
– Ова е главната мрежа што НСА ја користи за сè што е поврзано со разузнавачката анализа и комуникациите, така што претставува сериозен проблем доколку престане да функционира, дури и привремено – вели тој.
НСА собира огромни количества информации од целиот свет, но голем дел од тие разузнавачки податоци најпрво мора да бидат анализирани пред да им бидат доставени на креаторите на политиките или на војската. Секој прекин во тој процес може да го одложи доставувањето информации што би можеле да бидат од клучно значење за тековните воени или дипломатски операции.
– Никогаш не знаете какви вредни разузнавачки сознанија може да се кријат во тие огромни бази на необработени податоци, кои чекаат да бидат откриени, анализирани и потоа преточени во разузнавачки извештаи од страна на аналитичарите. Доколку станува збор за нешто поврзано со воени или дипломатски операции, таквите информации не можат да чекаат – објаснува Едгар, додавајќи дека „разузнавачките информации имаат вредност само доколку стигнат до вистинските луѓе во вистинското време“.
Затоа, прекин на системите што ги користат вработените во НСА може да ја забави работата на разузнавачките аналитичари и потенцијално да предизвика одложувања во откривањето или споделувањето информации токму во моментот кога тие би биле најкорисни.
– Апсолутно е од критично значење вработените во НСА да имаат пристап до своите системи и тие системи постојано да функционираат непречено и правилно – вели Едгар.
Сепак, прекинот на мрежата не мора да значи дека итните разузнавачки информации нема да можат да стигнат до највисоките функционери. Форно објаснува дека дури и доколку вработените привремено не можат да пристапат до вообичаените системи, „ако има нешто навистина важно што мора веднаш да се пренесе нагоре по командниот синџир, тие ќе најдат начин тоа да го сторат“.
Иако американските официјални претставници тврдат дека неодамнешната серија технолошки прекини не била предизвикана од координиран кибернапад, експертите предупредуваат дека првичните објаснувања за ваквите инциденти може да се променат кога ќе станат достапни повеќе информации.
Форно, кој поминал 20 години работејќи во оперативната кибербезбедност пред да премине во академските води, вели дека „првичните изјави што се објавуваат по некој технолошки инцидент речиси никогаш не се целосно точни“.
– Ќе кажат дека имало ажурирање на мрежата, а можеби станувало збор за хакерски напад, или обратно. Засега едноставно не знаеме, затоа првичните изјави треба да се прифатат со одредена резерва – заклучува Форно.