Фото: МИА

Проширувањето на Европската Унија не е само прашање на проширување, туку и безбедносен императив, а напредокот на Црна Гора и Албанија на патот кон членството е важен и за Северна Македонија, оцени претседателката Гордана Силјановска-Давкова на прес-конференцијата по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, пренесе МИА.

Таа истакна дека се забележуваат промени во односот на Европската Унија кон Западен Балкан, посочувајќи ја комуникацијата на Европската комисија за проширувањето како значаен исчекор.

-Многупати сум рекла дека од 2003 година, односно од Солунскиот самит, не гледав јасна стратегија ниту чекори за нашето напредување, меѓутоа во моментот кога ја имаме пред себе комуникацијата на Европската комисија за проширувањето, гледаме голем исчекор – рече Силјановска-Давкова.

Осврнувајќи се на евроинтеграцискиот напредок во регионот, таа посочи дека Црна Гора е пред портите на Брисел, додека Албанија бележи напредок, оценувајќи дека нивното придвижување кон ЕУ е значајно и за Македонија.

-Напредокот го сметам за важен, бидејќи по 2013 година речиси немаше отворена порта за нас. Ова значи исчекор и мислам дека нивното напредување е и наше напредување – истакна претседателката.

Во однос на македонскиот евроинтеграциски пат, Силјановска-Давкова рече дека земјата се соочува со сериозен проблем со билатералните прашања, кои, како што нагласи, не се поврзани со Копенхашките критериуми и не претставуваат европеизација, туку се спротивни на принципите и вредностите утврдени во европските конститутивни акти.

Таа посочи дека постепеното членство не го смета за замена за полноправното членство, но оцени дека во процесот постојат одредени чекори кои можат да послужат како инспирација.

Говорејќи за значењето на Процесот Брдо-Бриони, претседателката го оцени како една од најдобрите и најинспиративните регионални иницијативи, нагласувајќи ја важноста на меѓусебното слушање, разбирање и поддршка.

-Географијата сакала да живееме едни до други и регионалниот напредок е многу важен не само за регионот, туку и за самата Европска Унија – рече таа.

Како еден од клучните аргументи за проширувањето, Сиљановска-Давкова ја посочи геополитичката положба на регионот и потребата Европската Унија да ја зајакне својата улога на глобалната политичка сцена.

-Проширувањето не е само прашање на проширување, туку е безбедносен императив. Ако Европската Унија сака да биде фактор на глобалната комплицирана политичка сцена, мора да сфати дека треба да биде и геополитичка унија, односно дека без таканаречениот Западен Балкан ќе остави геополитички вакуум, а во политиката никогаш не постои вакуум – нагласи Силјановска-Давкова.

Таа посочи и на потребата од зајакнување на транспортните, енергетските и дигиталните врски во регионот, оценувајќи дека преку нив земјите ќе станат посилни. Меѓу предлозите што ги изнела на самитот е и поголемо вклучување на младите во решавањето на регионалните проблеми, наместо одговорноста за иднината да им биде оставена само ним.

-Наместо иднината да им ја оставаме на младите, треба да ги вклучиме во решавањето на проблемите, зашто тие можат да донесат нова енергија во рамките на Процесот Брдо-Бриони – рече претседателката, додавајќи дека нејзиниот предлог наишол на разбирање.

Силјановска-Давкова изрази благодарност до Словенија и Хрватска за поддршката на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија, нагласувајќи дека двете земји можеле да понудат само охрабрување, но наместо тоа се определиле за заедничко патување и застапување на интересите на регионот.

-Словенија и Хрватска можеа да речат дека стигнале во Брисел и можат да нè охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нè поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова – рече Силјановска-Давкова.

Таа оцени дека на самитот имало отворена размена на мислења, меѓусебно разбирање и почит, дури и кога биле изразувани различни ставови.

Одговарајќи на прашањето дали добила јасно ветување од Словенија и Хрватска дека ќе застанат на македонска страна во спорот со Бугарија, Силјановска-Давкова рече дека не побарала таква директна поддршка, но дека двете земји постојано ја искажуваат својата поддршка за Македонија.

-Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна и во Процесот Брдо-Бриони, ама и денеска, секаде и секогаш тие велат дека стојат зад нас – рече претседателката.

Таа посочи дека принципите содржани во декларацијата усвоена на самитот се однесуваат и на односите со соседите и на билатералните прашања, додавајќи дека меѓу учесниците постои консензус за принципите и вредностите поврзани со проширувањето на ЕУ.

Осврнувајќи се на односите меѓу Македонија и Србија, Сиљановска-Давкова оцени дека тие традиционално се добри и изрази очекување дополнително да се унапредат. Таа рече дека меѓу двете држави нема нерешени проблеми, посочувајќи дека моделот на демократија е внатрешно прашање на секоја земја.

„Традиционално српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас, ниту сме се соочувале со нив. Моделот на демократија е внатрешно прашање на секоја држава“, рече претседателката.

Таа му се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на државата, Чупиќ, за присуството на самитот во Охрид, оценувајќи дека неговото доаѓање ја потврдува важноста на регионалната соработка.

-Замислете, тој му даде предност на Охрид пред Брисел и дојде во Охрид, бидејќи регионалниот амбиент е многу важен. Ние не можеме да исчекориме кон ЕУ доколку не градиме регионално разбирање – рече Силјановска-Давкова.

Таа изрази очекување дека по довршувањето на формирањето на државните органи во Србија ќе се создадат услови за продлабочување на меѓудржавната комуникација и односите, особено меѓу граѓаните, преку препознавање на заедничките интереси и заемно разбирање.