Фото: МИА

Земјите од Западен Балкан мора да станат дел од Европската Унија, што е основна цел на Процесот Брдо-Бриони. Мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од регионот, а билатералните прашања не треба да влијаат на процесот на пристапување, порача денеска од Охрид претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, пренесе МИА.

На заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, домаќин на состанокот на Процесот Брдо-Бриони, и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Пирц-Мусар изрази уверување дека силна Европска Унија не може да постои без проширување.

-За жал, проширувањето на Европската Унија сè уште се одвива пребавно. Со право очекуваме земјите кандидати да спроведуваат реформи, да го почитуваат владеењето на правото и европските вредности. Меѓутоа, Европската Унија исто така мора да ја исполни својата обврска. Мора да им овозможиме на земјите да ги исполнат критериумите за да направат вистински напредок. Во исто време, навистина се надевам дека разумот ќе превладее овој пат и дека приликите за проширување ќе се остварат и спроведат без никакви пречки, ниту од земјите кандидати, ниту од земјите членки на ЕУ – рече Пирц-Мусар.

Таа нагласи дека мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан, додавајќи дека Европската Унија треба да направи повеќе за процесот на проширување и да го забрза.

-Нека биде јасно едно нешто. Мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан. Се надевам дека ова е јасно за сите. Навистина се надевам дека можеме да станеме посериозни политичари во ЕУ и да направиме повеќе за овој процес на проширување, да стане многу побрз, бидејќи е пребавен. Јас лично би сакала билатералните прашања да не влијаат на процесот на пристапување. Меѓутоа, досега не гледам како ова би можело поинаку да се одвива. Европската Унија ќе мора да размисли за тоа како да ги формира процесите на пристапување – додаде таа.

Пирц-Мусар повторно го изнесе ставот дека квалификуваното мнозинство би било еден од механизмите со кои би се спречило една земја да го блокира целиот процес на проширување со користење на вето. Таа посочи дека Словенија е меѓу 15-те земји членки на ЕУ кои го поддржуваат овој принцип, иако, како што рече, новата словенечка влада е нешто поскептична во однос на ова прашање од претходната.

Според неа, дијалогот треба да се води мирно, со аргументи и без навреди, но за тоа е потребно вистинските луѓе да седнат на преговарачката маса. Таа изрази надеж дека Хрватска и Црна Гора ќе ги решат меѓусебните прашања, како и дека Северна Македонија ќе го надмине спорот со Бугарија.

-Навистина се надевам дека Хрватска и Црна Гора ќе ги решат своите меѓусебни прашања и исто така искрено се надевам дека Северна Македонија ќе го реши своето прашање со Бугарија. Северна Македонија е една од земјите за којашто чувствувам најголема болка, која најдолго време чека. Го реши проблемот со Грција, повторно се врати на преговарачката маса и повторно се соочи со нов предизвик. Затоа се надевам дека ова ќе заврши еден ден. Тоа е моја желба, но сите мора на тоа да работиме – порача Пирц-Мусар.

Таа посочи дека во Словенија често се слушаат аргументи против проширувањето на ЕУ, според кои приемот на нови земји ќе значи дополнителни финансиски обврски за постојните членки. Во одговор на таквите ставови, Пирц-Мусар потсети на пристапувањето на Словенија во Унијата пред 20 години, кога постарите членки финансиски придонесувале, додека Словенија користела средства од европските фондови.

-Знаете кој е мојот одговор на ова? Запаметете дека пред 20 години, кога Словенија се приклучи кон Европската Унија и постарите земји плаќаа за нас, тие беа нето-плаќачи во буџетот на ЕУ, а ние бевме корисници на овие фондови. И ова ќе се смени во иднина. Јас како претседателка на Словенија сум свесна за ова – ние ќе станеме нето-плаќач и ќе плаќаме повеќе за земјите кои чекаат да станат членки и да нè стигнат. И така и треба да биде – рече Пирц-Мусар.

Осврнувајќи се на резултатите од Процесот Брдо-Бриони, таа ја посочи соработката меѓу службите за вработување на земјите учеснички како пример за конкретен напредок. Пирц-Мусар предложила следната година да се организира посебна средба на директорите на службите за вработување, на која би се подготвиле конкретни предлози и заеднички акциски план за подобрување на можностите за вработување на младите и намалување на одливот на мозоци.

-Младите луѓе не смеат да бидат принудени да си ја бараат иднината на друго место едноставно бидејќи ние не можеме да им обезбедиме иднина дома. Дури и Словенија не е исклучок од ова – и од Словенија заминуваат луѓе, млади, можеби не во толку голем број, меѓутоа ова се случува. Затоа денес предложив следната година да организираме посебна средба на директорите на службите за вработување од сите земји што учествуваат. Нивната задача би била да изготват конкретни предлози и заеднички акциски план за подобрување на приликите за вработување на младите луѓе и за намалување на одливот на мозоци – рече словенечката претседателка.

Пирц-Мусар истакна дека добрите односи меѓу земјите не треба да се земаат здраво за готово, туку да се градат врз основа на почит, доверба и подготвеност за решавање на нерешените прашања. Таа повика на поголема регионална соработка и помалку поделби, нагласувајќи дека нерешените прашања од минатото не смеат да ја определуваат иднината на новите генерации.