Европската Унија минува низ тежок период, нема одговори на предизвиците со кои се соочува, а дел од решенијата што се нудат се лоши. Ова го изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со претседателките на Македонија и Словенија, Гордана Силјановска-Давкова и Наташа Пирц-Мусар, по состанокот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Милановиќ оцени дека Европската Унија не треба да се претвори во претенциозен геополитички или воен сојуз, туку да остане функционална трговска, царинска и просторна унија, каква што, според него, успешно функционирала во претходните години.
Тој смета дека Унијата не може да се трансформира во, како што рече, „дисфункционално царство на доминација на некои“, додавајќи дека лично нема да се согласи со таков развој на настаните.
– Не сум сигурен дека мојот став го делат сите во Хрватска, но, еве, го имам. Затоа и следната година со задоволство ќе го споделам друштвото и времето со овие луѓе. Би требало тоа да биде истиот состав за една година. И нека биде вака како што беше денеска во Охрид – истакна Милановиќ.
Осврнувајќи се на денешниот состанок, хрватскиот претседател го оцени како најконструктивен и најпријатен досега, иако, како што призна, не биле донесени конкретни одлуки.
Според него, најголемото достигнување е атмосферата на меѓусебно почитување, разумниот пристап кон прашањата за кои лидерите немаат исти ставови и подготвеноста за дијалог.
– Можеби зборот конструктивен е малку претеран, бидејќи не донесовме никакви одлуки, но секако атмосферата, уважувањето на соговорникот, разумниот пристап кон некои прашања што можеби нè делат или немаме ист став за нив, тоа е голем напредок. И јас денеска, оттука од Охрид, пред сè го носам тој впечаток – рече Милановиќ.
Тој потсети дека Процесот Брдо-Бриони бил воспоставен пред 15 до 16 години, во период кога требало да им помогне на Хрватска, Словенија и другите држави од регионот на нивниот пат кон Европската Унија.
Но, како што оцени, во меѓувреме околностите драматично се промениле, па денес регионот и Европа се соочуваат со сосема нови предизвици.
На работниот состанок во Охрид, покрај домаќинот Гордана Сиљановска-Давкова и коорганизаторите Зоран Милановиќ и Наташа Пирц-Мусар, учествуваа и претседателите на Црна Гора, Албанија и Косово, како и претставници на Србија и Босна и Херцеговина.
Во фокусот на средбата беа регионалната соработка, забрзувањето на евроинтеграциите на Западен Балкан и интензивирањето на политичкиот дијалог. На крајот беше усвоена и заедничка декларација.
































